Со бранот на ширењето на национализмот низ Европа и нагласеното руско влијание, повторно се загреваат и етничките страсти во БиХ, пишува „Вашингтон пост“
Европа и САД мораат што повеќе да дејствуваат за да се спречи состојбите во Босна и Херцеговина повторно да излезат од контрола во пресрет на изборите во октомври годинава, пишува американскиот дневен весник „Вашингтон пост“.
Весникот наведува дека во бранот на ширењето на национализмот низ Европа и нагласеното руско влијание, се загреваат и етничките страсти во БиХ. На ова влијае однесувањето на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, кој се залага за отцепување на овој мал етнтитет и негово придржување кон Србија. Додик ги поддржува и настојувањата на Хрватите, кој се конститутивен народ во БиХ, за формирање свој ентитет, на што остро се спротивставува Бакир Изетбеговиќ, претседател на Претседателството на БиХ, кој предупредува дека тоа не може да се случи без војна.
„Вашингтон пост“ во текстот пишува дека Додик ѝ пркоси на централната власт и има блиски релации со Владимир Путин.
– Засега, Додик го одложи референдумот за независност на РС. По забраната од Врховниот суд на БиХ тој го спроведе референдумот за одбележување на 9 јануари како државен празник на РС, а овој датум е избран затоа што Радован Караџиќ во 1992 година прогласи независна држава на босанските Срби, што доведе и до војна. САД прогласија санкции против Додик, но тој продолжи во остварувањето на своите намери – пишува весникот.
Во текстот се укажува и на зголеменото интересирање на Турција за БиХ, а турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на предизборниот митинг во Сараево ја искористи можноста за да поттикне „секташко расположение“.
– Присутните извикуваа „Алах акбар“ и „Султан Ердоган“, кога турскиот претседател пристигна со Изетбеговиќ, чија партија СДА одржува врски со партијата на Ердоган. Во октомври во БиХ се одржуваат избори на сите нивоа на власт, а Додик ќе се кандидира за место во тричленото претседателство, за да го следи патот на независноста на Република Српска, што предизвикува страв кај Бошњаците – се наведува во текстот на „Вашингтон пост“.
Весникот дава и препораки за да се спречи новата несреќа во регионот во кој почна и Првата светска војна, а тоа значи зголемено присуство и поголемо дипломатско ангажирање на Европската Унија, НАТО и САД во Босна и Херцеговина. Исто така, се предлага и повторно отворање на Канцеларијата на високиот претставник, кој ќе ја надгледува имплементацијата на Дејтонскиот договор.
– На Босна ѝ е потребно да ѝ се посвети итно внимание, во спротивно времето по потпишувањето на Дејтонскиот договор, ќе биде само време за одмор од балканските војни – заклучува американскиот весник.