Хрватска

Во Хрватска почнаа да важат мерките од првата фаза за слободно движење и работа на граѓаните и на фирмите. Со одлуката на Националниот штаб за цивилна заштита, од вчера во Загреб беа пуштени во сообраќај сите 111 автобуски линии, а трамваите не можат да се движат поради штетите од земјотресот што го потресе градот. Во оваа фаза се отворени сите продавници (освен во шопинг-центрите), услужните дејности што немаат нужен близок контакт со купувачите, како што се столари, кројачи, фотографи, книжарници, галерии…
За корисниците на јавниот автобуски превоз се пропишани безбедносни правила, како што е задолжително држење на пропишаното растојание, како и задолжително носење маска, а во автобусите на ЗЕТ се обезбедени и дезинфекциски средства. Заради поголема заштита на граѓаните, во утринските и попладневните часови е зачестен бројот на поаѓањата на автобусите.

– На влезот во автобусите, освен билети, вработените во ЗЕТ ќе контролираат дали граѓаните се придржуваат на мерките. Во автобусите може да се возат максимално 50 лица, а пред влегувањето во автобусот патниците мора да ги дезинфицираат рацете – вели Домагој Зеба од ЗЕТ за ХРТ.

Возачите на автобуси се обезбедени со маски и ракавици, а возилата ќе се дезинфицираат трипати дневно и редовно ќе се чистат и ќе се проветруваат пред и по секое возење. Мали паузи со проветрување ќе се прават на секоја станица за да се намали ризикот од ширење на заразата.

Доколку првата фаза се покаже успешна и не се случи влошување на епидемиолошката состојба, следниот пакет на мерки ќе биде во функција од четврти мај. Во вториот пакет ќе се овозможи работа на услужните дејности што се со близок контакт, како што се фризери и козметичари, како и работата во јавниот и приватниот здравствен систем.