Присуството на корупција во земјите од Западен Балкан деновиве беше посочено од различни извори како главна кочница во спроведувањето на реформите што се предуслов за приближување кон Европската Унија, но и за поголемо економско поврзување на регионот
Корупцијата е голем проблем во западнобалканските општества на патот кон Европската Унија. Мајлинда Брегу, генералната секретарка на Советот за регионална соработка, во интервју за „Вијести“, предупредува дека земјите од Западен Балкан мора институционално да се справат со проблемот со корупцијата, но граѓаните, исто така, мора да го сменат однесувањето и да престанат да го сметаат за нормално да му даваат подароци на некој што само си ја работи својата работа. Високата корупција во земјите од Западен Балкан деновиве беше посочена од различни извори како главна кочница во спроведувањето на реформите што се предуслов за приближување кон Европската Унија. Ваквите критики доаѓаат во пресрет на трилатералниот економски форум што се одржува вчера и денеска во Скопје, во рамките на иницијативата за поголема економска соработка, која се одвива под форматот мини-шенген.
Пред шест години, 15 проценти од граѓаните ја сметаа корупцијата за најголем проблем, а сега е 26 проценти. Тоа е „огромен раст, кој очигледно е предизвикан од евидентното зголемување на видливата корупција“, се наведува во соопштението на Советот за регионална соработка.
– Сега, во 2021 година, 54 отсто од луѓето во Западен Балкан веруваат дека познавањето на вистинските луѓе е клучно за напредокот во животот. Околу 76 отсто сметаат дека правосудството е корумпирано. Значи, тоа е она што луѓето го гледаат, го бараат и кон што се стремат. Ако не го најдат дома, тие се подготвени да го побараат на друго место – вели таа.
Вчера медиумите во Македонија и во Србија одвоија голем простор за одржувањето на економскиот форум во Скопје, на кој, според најавите, ќе бидат присутни повеќе од 300 компании, но и претставници од меѓународните институции што покажаа голем интерес за настаните што се дел од овој форум. На настанот ќе биде објавено и новото име на регионалната иницијатива, која досега неформално беше нарекувана мал шенген.
За интензивирање на соработката меѓу државите учеснички на форумот ќе се потпишат два меморандума за разбирање и еден меѓудржавен договор, кој во огромна мера ќе го олесни животот на граѓаните од Западен Балкан и на бизнис-заедницата. Договорот за соработка за заштита и спасување од катастрофи во Западен Балкан и Меморандумот за разбирање за олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки во Западен Балкан произлегуваат од иницијативата за напредна регионална економска соработка меѓу Македонија, Србија и Албанија. Меморандумот за разбирање за олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки содржи одредби за: поедноставување на формалностите поврзани со увоз, извоз и движење/транзит на стоки; соработка на царинските и другите надлежни органи; како и посебни одредби за безбедноста на храната, ветеринарни и фитосанитарни прашања и слободно движење на индустриски непрехранбени производи, информираат од македонската влада.
Договорот за соработка за заштита и спасување од катастрофи во Западен Балкан претставува операционализација на изразената подготвеност на лидерите на трите држави потписнички за меѓусебна соработка за спречување и ублажување на последиците од катастрофи. Со него договорните страни ја регулираат рамката на условите за доброволно давање помош во случај на катастрофи. Договорот исто така предвидува и: обврска за известување за закани; процедури за поминување на границата за целите на спасување и давање помош; заштита и поддршка на работата на спасувачките тимови и индивидуални експерти; начин на надоместување штети; начин на обезбедување грижа и помош на евакуирани лица и користење средства за комуникација.
Третиот меморандум е особено значаен за движењето на пазарот на трудот во регионот, со него договорните страни ја изразуваат својата волја да го олеснат движењето на луѓето за да обезбедат полесен и послободен пристап до пазарот на трудот, за отстранување на работните дозволи и поедноставување на постапките во врска со дозволата за привремен престој. Ова е потврда на заложбата за спроведување на правото на ЕУ во областа на слободното движење на работниците и подготвување за поблиска интеграција на единствениот пазар на ЕУ.
Претседателот на Српската трговска комора, Марко Чадеж, најави дека на бизнис-форумот ќе се разгледаат можностите за единствен пазар, каде што бизнисот би бил многу полесен, поедноставен и побрз.
– Влегуваме во целосно нова ера на економска и политичка соработка во регионот, особено кога станува збор за овие три земји, Албанија, Северна Македонија и Србија. Интензивираната соработка ќе донесе нова политичка стабилност и јасен сигнал до инвеститорите дека ова е регион на успех. Гледаме конкретни чекори и придобивки за економијата и граѓаните и ги покануваме другите економии на земјите од Западен Балкан да се приклучат – изјави Чадеж за агенцијата „Бета“.