Дваесет години подоцна, со редуцираниот телесамит на европските лидери по хрватското претседавање, „европската перспектива“ на овој регион повторно се врати на почетната позиција, каде што беше на првиот загрепски самит од 2000 година
Ниедна членка на Европската Унија во досегашната историја на овој економско-политички блок не се радуваше толку на шестмесечното ротирачко претседавање со Советот на ЕУ, како што се радуваше на тоа Хрватска, која ја презеде штафетната палка од Финска. Кога се очекуваше да се прослави „историското водење на Европската Унија“, се случи пандемијата на коронавирусот. Во такви околности на 6 и 7 мај годинава, во Загреб требаше да се случи круната на тоа „историско“ хрватско претседавање, конференцијата се сведе на рутинска видеоконференција, без некој особен престиж и атрактивност. Полошо од ова можеше да биде целосно откажување на ова промотивно политичко и предизвикувачко шоу за секоја земја.
На самитот во Загреб од пред дваесет години, кога за сите земји од Западен Балкан беше потврден договорениот статус на „потенцијални кандидати“ за членство, првпат е отворена јасна и недвосмислена европска перспектива со почитување на тој пат и на индивидуалниот пристап на секоја од земјите, а регионалната соработка, отворањето на границите и добрососедските односи се прогласени за услов на сите услови за идното членство во Унијата. Беше тоа време на еуфорија и надеж на двете страни поради крупните политички промени првенствено на Балканот. Дваесет години подоцна, со редуцираниот телесамит на европските лидери по хрватското претседавање, „европската перспектива“ на овој регион повторно се врати на почетната позиција, каде што беше на првиот загрепски самит од 2000 година.
Иако во воведната реченица на заедничкиот завршен документ од 20 точки се наведува дека ЕУ „неприкосновено ја поддржува европската перспектива на Западен Балкан“, лидерите на земјите-членки овој пат не криеја, поради глобалната пандемија и внатрешното европско неединство и новите приоритети, процесот на интеграција, дека проширување на ЕУ или евентуалното членство во блиската иднина останува на чекање на неодредено време. Не се крие дека оваа видеоконференција не ни беше замислена како самит за проширување, туку за зацврстување на врските на ЕУ со земјите од регионот кон кои, како што се вели во седиштето во Брисел, сентиментите не се променети туку променети се околностите.
Во глобалниот контекст предизвикан од пандемијата, која освен здравствени ќе предизвика и непроценливи економски, социјални, политички, безбедносни и други последици, не е неочекувано дека клучните држави-членки на ЕУ ја немаат политиката на проширување во националните приоритети. На проширувањето на краток рок особено се противат Франција, Данска, Шведска и Холандија, додека Шпанија, Полска и Германија играат на работ меѓу за и против ново проширување.
Новонастанатите околности наметнуваат и нови правила и приоритети и во односите меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан. На лидерите на овие два блока во текот на последниот видеосамит им беа претставени три нови „клучни приоритети“ во меѓусебните односи: соработка и солидарност во натамошното соочување со пандемијата, недвосмислена европска перспектива на земјите од регионот вклучувајќи и „приврзаност на западнобалканските партнери кон европската перспектива како свој цврст стратегиски избор, како и посветеност на земјите од Западен Балкан на сите европски вредности“. Од регионот се бара прифаќање на заедничките европски вредности на дело, видлива приврзаност на европските интеграции, како и ефикасно сузбивање на планските искреирани дезинформации и други хибридни активности од трети земји како Кина, Русија, Саудиска Арабија, Турција и други, кои имаат цел обезвреднување на ЕУ и поткопување на европските перспективи на земјите од регионот.
Декларацијата од Загреб е одраз на мрачната реалност на глобално ниво на што доминантно влијаат внатрешното европско неединство, пандемиските непогоди, препозиционирањето на големите сили… Во такви околности економијата во реалниот живот е примарна во однос на политиката. Ако е така, финансиската помош од 3,3 милијарди евра што се подготвува за санирање на последиците од пандемијата наменети за шесте земји од регионот, има поголемо значење за граѓаните од декларативните ветувања за членство во Унијата.
Авторот е долгогодишен дописник од Брисел како експерт за европска политика и за процесот на проширување на ЕУ