Вакцинираните израелски туристи веќе можат да уживаат на грчките плажи благодарение на договорот помеѓу Атина и Тел Авив за признавањето на дигиталните зелени карти, односно ковид-пасошите. Но, покрај туристите, во Грција ќе пристигнат и израелските компании од одбранбената индустрија, кои работат на проект вреден 1,68 милијарди долари за изградба и управување со нова академија за обука на воздухопловните сили во Каламата, пренесува „Ал Џезира“.
Заедно, одбранбените врски и туристичките текови го симболизираат новото партнерство меѓу Грција, Израел и Кипар. Трите земји во 2016 година воспоставија сојузништво и учествуваат на редовни самити кои секоја година се одржуваат во Никозија.
Една од првичните цели на партнерството е унапредување на гасоводот „ИстМед“, проект дизајниран за пренесување на израелски и кипарски гас во Европа преку спорните води со Турција.
– Веќе не станува збор само за гас. Ако го погледнете текстот што излегува од изјавите на воспоставеното сојузништво, агендата е многу поширока – вели Еран Лерман, потпретседател на Ерусалимскиот институт за стратегија и безбедност.
Министрите за енергетика на трите земји потпишаа меморандум за поставување на подводен кабел што ќе ги поврзува енергетските мрежи на Кипар и Израел со Европа.
Промовирањето на туризмот во регионот е друга област каде медитеранските соседи соработуваат. Израелското Министерство за надворешни работи неодамна објави дека Грција ќе го признае ковид-пасошите и ќе им дозволи влез на вакцинираните израелски туристи без притоа да поминуваат период во самоизолација или да бидат тестирани. Одлуката дозволува влез на 10.000 Израелци во Грција неделно.
Израел потпиша спогодби за пробен период напролет за меѓународно патување без карантин со Грција и Кипар, а се очекува наскоро да постигне договор и со други земји за признавање на ковид-пасошите и прием на вакцинирани туристи.
Меѓу земјите што се очекува да се приклучат на ваквата спогодба се Бахреин, Обединетите Арапски Емирати и Мароко, Русија и голем број држави од ЕУ. Сепак, Израел во голема мера останува затворен за туристи, главно поради страв од внесување на потенцијални различни ковид-варијанти.