Над 12.500 компании се лиценцирани во Министерството за транспорт на Република Бугарија за да вршат меѓународен превоз. Околу 75 отсто од нив поседуваат од еден до пет камиони и тие ќе бидат ставени во незавидна состојба по изгласувањето на пакетот „Мобилност“ во Европскиот парламент, со кој се воведува ограничување за бугарските камионџии за вршење транспортни услуги на европските пазари.
– За нив не ја гледаме светлината во овој тунел. Тие нема да можат да ги преземат новите обврски. Од три до четири илјади камиони секоја недела ќе мора да се враќаат дома, односно во Бугарија. Немаме толку голема економија за да се враќаат со товар, за да им биде исплатливо тоа – изјави Јордан Арабадџиев од Сојузот на меѓународните превозници во емисијата „Здраво, Бугарија“.
Во земјите од Европската Унија постои голем недостиг од возачи за камиони. Како што предупредува тој, кога малите транспортни фирми ќе пропаднат, околу 20.000 возачи ќе останат без работа. Тие ќе заминат да бараат работа во странски фирми, односно ќе бидат принудени да емигрираат со своите семејства.
– Ова е битка што трае година и пол. Во текот на целиот период сме умерени песимисти, бидејќи сфативме како е да се бориме со поголем, посилен противник од себе. По гласањето во парламентот, ние бевме во улогата на немирно дете заградено во аголот и кое е казнето – вели Арабадџиев.