Клучот за излез од политичката криза е во рацете на бугарскиот претседател Румен Радев, кој се обидува да го заобиколи Уставот со деделувањето на мандатот за формирање влада на втората партија по освоени пратенички мандати. Но таа политичка партија се изјасни дека ќе се откаже од обидот да формира влада. Ова значи дека Бугарија влегува во нова, повисока фаза на сериозна политичка криза, што ќе значи и распишување трети парламентарни избори во една година. За издвојување е фактот што и на бугарскиот претседател му истекува мандатот, така што ќе мора да се избира и нов претседател. Тоа значи дека Бугарија во еден момент би можела да остане и без влада и без претседател
Бугарија влегува во нова, повисока фаза на сериозна политичка криза
Во Бугарија продолжуваа длабоката поделеност на политичките партии, која се одрази со неможност да се формира (малцинско) парламентарно мнозинство што ќе гласа за новиот состав на владата, предложен од победникот на изборите, партијата Има таков народ. Наспроти поранешната владејачка партија ГЕРБ на Борисов, која се наоѓа во парламентарна „изолација“, на другата страна се неколкуте коалиции и партии што не можат да се договорат за поделбата на министерските места. Во неможност за наоѓање брзо решение за излез од долгогодишната политичка криза, партиите од опозицијата се обидуваат да го привлечат вниманието на јавноста со прашања што се однесуваат за периодот пред редовните и вонредните парламентарни избори. Така, претседателката на бугарскиот парламент, Ива Митева, свика вонредна седница на Националното собрание, на која ќе се расправа за полицискиот скандал со насилството врз демонстрантите и за ги објасни преземените чекори за тоа бугарскиот министер за внатрешни работи, Бојко Рашков, при протестите минатото лето.
Сите, освен ГЕРБ и ДПС, побараа објективна истрага и казна за полицајците што претепаа мирни демонстранти за време на минатогодишните протести против владеењето на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов.
Втората по големина партија, Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), на досегашниот премиер Бојко Борисов, не може да најде партнери во идната влада. Но политичките аналитичари предупредуваат на однесувањето на ИТН, партијата на бугарскиот шоумен Слави Трифонов, кој ја повлече кандидатурата на новиот премиер.
– Такво нешто никогаш немало, најголемата парламентарна партија да одбива да формира влада иако претседателот на државата веќе го информираа за нивниот кандидат за премиер. Таков случај воопшто не е предвиден со Уставот – вели Христо Христев, експерт по европско право од Универзитетот во Софија, за германската агенција „Дојче веле“.
Соговорниците на „Дојче веле“ предупредуваат на сегашното однесување на политичките партии, кои на популистички начин се обидуваат да ја префрлат сопствената одговорност од неподготвеноста да формираат влада.
Генералната секретарка на ИТН, Викторија Василева, ги обвинува партиите Станете! Доаѓаме! и Демократска Бугарија дека „никогаш не ги интересирал сериозен дијалог“, туку само кој ќе ја добие која министерска функција. Партијата Има таков народ своите можни партнери и јавноста ги стави пред свршен чин и во овие четири недели претстави дури три комплетни состави на владата.
Татјана Дончева, пратеничка на партијата Станете! Доаѓаме!, вели дека има „впечаток дека Слави Трифонов на своите луѓе им дава наредби што никогаш не се поправаат или противречат на сѐ што се предлага од другите политички партии.
Слично мисли и Христо Иванов, еден од лидерите на Демократска Бугарија.
– Секогаш зборувавме дека ќе поддржиме само влада што ќе претставува вистинска промена. Овие влади (кои ги предложи Трифонов) беа најслабите по составот што некогаш се појавиле во Бугарија. Не можам да се ослободам од впечатокот дека сето ова е резултат што некој сакал да биде постигнат.
Зад целиот овој хаос и неискуство стои јасна стратегија – да се формира малцинска влада – заклучува Иванов.
Клучот за излезот од политичката криза е во рацете на бугарскиот претседател Румен Радев, кој се обидува да го заобиколи Уставот со деделувањето на мандатот за формирање влада на втората партија по освоени пратенички мандати, која и самата се изјасни дека ќе се откаже од обидот да формира влада. Ова значи дека Бугарија влегува во нова, повисока фаза на сериозна политичка криза, што ќе значи и распишување трети парламентарни избори во една година. Но набрзо му истекува мандатот и на бугарскиот претседател, така што ќе мора да се избира и нов претседател. Тоа значи дека Бугарија во еден момент би можела да остане и без влада и без претседател. Идејата за формирање преодна влада е неизводлива, затоа што се потребни 65 гласа од Има таков народ, сметаат политичките аналитичари во Бугарија.