Повеќе од 44 години се потребни за да може бугарските граѓани да го достигнат нивото на животниот стандард на земјите од Европската Унија. Ова се предвидувањата на економистите на Бугарската академија на науките. Бугарија е земја со најнизок економски раст од новите земји во Унијата, а невработеноста е рекордно ниска. Платите, сепак, не растат со потребното темпо.
Стапката на раст на БДП е 3,1 проценти во 2018 година, што ја става Бугарија во просекот на ЕУ. Затоа експертите проценуваат – со ова темпо ќе им бидат потребни најмалку четири децении за бугарските граѓани да се доближат до приходот на просечниот Европеец.
Бројот на невработените лица во Бугарија продолжува да опаѓа и до крајот на минатата година достигна над 170 илјади. Повеќе од 100.000 лица се долгорочно невработени. Во 2018 година бројот на слободни работни места изнесуваше околу 21.000.
Податоците на националниот статистички завод покажуваат дека во Софија просечната плата е за 65 отсто повисока од просечното ниво во земјата, и жителите на главниот град на Бугарија добиваат плата од 1.646 лева (околу 800 евра). Само во осум области платите се над 1.000 лева. Стара Загора, Софија и Враца ја предводат листата, а најниски плати добиваат во Видин – во просек 770 лева. Просечната плата во Хасково е приближно 800 лева.
Највисоки плати се исплатуваат во секторот на телекомуникациите и новите технологии – близу 3.000 лева, следуваат енергетиката и областа на финансиите и осигурувањето. Според официјалните податоци, најмалку пари земаат луѓето што работат во хотели и ресторани, како и вработените во земјоделството.
Експертите во БАН предвидуваат осум отсто раст на реалните плати.
– Во Бугарија постои притисок од пазарот на трудот, бидејќи има недостиг од работна сила. Не постои економски потенцијал за повисоки плати, но за земја што заостанува четири пати во споредба со просекот на платите во Европа, зголемувањето за осум отсто не е толку добра вест – објаснува Виктор Јоцов од Институтот за економски истражувања при БАН.
Пазарот на трудот во Бугарија е неповолен и затоа се потребни итни мерки за да се раздвижи неактивниот дел од населението.
– Во 2018 г. се зголемува процентот на вработените со основно и ниско образование. Главно се бараат луѓе во градежништвото, во образованието и во администрацијата – вели Победа Луканова од Институтот за економски истражувања при БАН.