Со координирана визија и акција од ЕУ и нејзините сојузници, Велика Британија, која треба да биде силен и сигурен партнер, можеме да им помогнеме на луѓето од регионот да го постават Балканот на вистинскиот пат, се порачува во текстот на „Политико“
Велика Британија и Европската Унија по брегзит мора да ги насочат своите напори кон еден дел од Европа, а тоа е Балканот. Регионот на Југоисточна Европа е дел од предизвиците со кои се соочуваат Велика Британија, ЕУ и сојузниците на Западот на глобално ниво, како последица на системската конкуренција низ целиот свет, односно по ширењето на авторитарните идеи, како и со Русија и Кина, кои се приближуваат до границите на Унијата. Земјите од регионот што треба да бидат на патот кон просперитет ризикуваат да станат и извозници на нестабилност, пишува Арминка Хелиќ, членка на британскиот Дом на лордовите, во својата анализа објавена на „Политико“.
Хелиќ, која беше и специјална советничка на министерот за надворешни работи Вилијам Хејг од 2010 до 2014 година, потсетува на улогата на Русија и на Кина за време на пандемијата и големиот пречек што го приреди српскиот претседател Александар Вучиќ, при приемот на првата медицинска помош од Кина и од Русија. Според неа, ова е продолжување на влијанието на овие две земји на Балканот, кое постојано расте во изминатата деценија. Во тој контекст, таа ги споменува „кинеските инвестиции во фабрики, кои се големи загадувачи“, додека Русија вели дека ги поддржувала „дезинформациите, пропагандата и националистите, вмешувајќи се во обидот за воен удар во Црна Гора и во работите со Северна Македонија“.
Триесет години по избувнувањето на војната во поранешна Југославија – земјите од Западен Балкан требаше да напредуваат. Како и нивните источни соседи, тие требаше да бидат членки на НАТО и на ЕУ, да бидат рамноправни партнери во европското семејство на нации.
Наместо тоа, низ целиот регион изостанува напредокот и расте нестабилноста. Влијанието на Русија и на Кина во овој процес е сѐ повидливо, а ЕУ и Западот прават малку за да го спречат.
Во Босна и Херцеговина, на пример, заканите за отцепување и насилство сега се редовна карактеристика во домашната политиката. Негирањето на геноцидот е огромно. Странските политичари, од црногорскиот премиер до рускиот министер за надворешни работи, отворено го нарушуваат босанскиот суверенитет.
Во меѓувреме, Русија донира тенкови за Србија, чии експанзионистички цели во регионот се отворено изразени, а истовремено ѝ се заканува на Босна и Херцеговина, велејќи дека „ќе мора да реагира“ доколку земјата размисли за влез во НАТО. Неодамнешниот нонпејпер со кој се предлагаше „мирно“ распуштање на Босна и Херцеговина беше вкоренето во националистичките идеи од најтемните денови на 1990-тите, идеи што доведоа до војна, етничко чистење и геноцид.
За жал, одговорот од меѓународната заедница е анемичен. Пристапувањето кон ЕУ сè уште може да се смета како долгорочен противотров за отцепување, но нема сериозен напредок кон проширувањето на ЕУ, која нема алтернативен план.
– Со координирана визија и акција од ЕУ и нејзините сојузници, Велика Британија, која треба да биде силен и сигурен партнер, можеме да им помогнеме на луѓето од регионот да го постават Балканот на вистинскиот пат. Ние мора да ги ставиме европските вредности, демократијата, човековите права и транспарентноста и да извршиме притисок за реформи и за посилни демократски институции. Ние мора да го поддржиме граѓанското општество и да се справиме со корупцијата. Пред сè, мора цврсто да се спротивставиме на опасните идеи, за промена на границите, негирање геноцид и етнички национализам, каде и кога тие ќе се појават на површина. Ние мора да понудиме опипливи придобивки за напредокот, како и значајни казни за какви било чекори наназад, пишува Арминка Хелиќ, во текстот за „Политико“.
Како можни опции за исполнување на овие цели се користењето на европските механизми за санкција против оние што сакаат да ги поткопаат мировните договори и да се спротивстави на заканите за отцепување. Тоа значи одржување на финансирањето и политички, воен и дипломатски ангажман. Постојат многу причини за надеж во иднината на Балканот. Но ефективната стратегија за спротивставување на растечкото руско и кинеско влијание, заживувањето на национализмот и зголемениот ризик од конфликт е одамна задоцнета, се заклучува на крајот од текстот на „Политико“.