Без посилен меѓународен притисок врз Приштина, нема брзо да дојде до укинување на царините што се воведоа за српската стока, кажа српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.

Тој додаде и дека не очекува брза реакција на барањето на Белград до ЦЕФТА за директни консултации во рамките на заедничкиот комитет.

– Ние презедовме сѐ што е предвидено со тој договор. Формално испративме барање, но без посилен меѓународен притисок од оние што ги создадоа и ги спонзорираат, не верувам дека брзо ќе дојде до укинување на мерките – кажа Дачиќ.
Порача и дека Србија нема да презема никакви мерки што на некои би им овозможиле да ја стават во ист ранг со Приштина.

– Очекуваме да престанат да се играат некои игри за кои сите знаеме дека се невистинити, а дека некој сега може да изврши влијание врз Приштина – може – изјави шефот на српската дипломатија.

Европската комисија завчера повторно ја повика косовската влада веднаш да ја повлече одлуката за зголемување на таксите за увоз на стоки од Србија и од Босна и Херцеговина на 100 отсто, оценувајќи дека тие се провокативни и навредливи.
Портпаролката на високата претставничка за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, Маја Коцијанчич, изјави дека е запознаена со оставките на градоначалниците од северно Косово и истакна дека „ЕУ уште од почетокот беше јасна во ставот дека таксите на стоки од Србија и БиХ претставуваат кршење на ЦЕФТА-договорот и Договорот за стабилизација и асоцијација помеѓу ЕУ и Косово“.

– Властите на Косово мора веднаш да ги повлечат овие мерки. Сите дејства, мерки и изјави што се провокативни и навредливи се длабоко вознемирувачки и не придонесуваат за дијалогот за нормализирање на односите – изјави Коцијанчич.
Претставниците на Европската комисија и пред денешната изјава на Коцијанчич реагираа на воведувањето на таксите. Могерини минатата недела побара од косовските власти итно да ја повлечат оваа одлука, а истото тоа го побара и европскиот комесар за проширување Јоханес Хан.

Слична порака испрати и американскиот државен секретар Мајк Помпео, кој се сретна со косовскиот претседател Хашим Тачи.


Србија бара посилна реакција од ЦЕФТА

Српската премиерка Ана Брнабиќ информира дека во име на Владата поднела формално барање до Секретаријатот на ЦЕФТА за директни консултации во рамките на заедничкиот комитет во врска со зголемувањето на таксите од страна на Косово.
– Од примањето на барањето, тие имаат рок од 90 календарски дена во директните консултации да го решат проблемот што Приштина го направи со директното и недвосмислено кршење на договорот – изјави Брнабиќ.
Таа најави дека доколку во следните 90 дена не се почнат заедничките консултации или не се реши проблемот, Србија во согласност со одредбите од ЦЕФТА ќе поведе постапка пред Арбитражниот суд.
Освен до Секретаријатот на ЦЕФТА, барањето е испратено и до Мисијата на ОН на Косово (УНМИК), како потписник на договорот за територијата на Косово и до генералниот секретар на ОН.
Брнабиќ истакна дека Србија нема да наседнува на провокации и нема да воведе контрамерки, туку ќе продолжи да соработува со партнерите во регионот, пред сѐ со БиХ, кон која Приштина ги воведе истите мерки.