На последиците од климатските промени се особено изложени земјите од Балканот, кои се зависни од користењето јаглен во производството на електрична енергија, за која во моментот се чувствува голем недостиг
Со првите пониски температури и почетокот на грејната сезона, неколку града од Балканот повторно се најдоа на листите со највисоко дневно загадување на воздухот. Гледано на светско ниво, загадувањето со јаглерод диоксид го достигна нивото што го имаше пред пандемијата на коронавирусот и со тоа повторно се вклучи црвеното светло за борбата против загадувањето, предизвикано од прекумерното користење фосилни горива. На последиците од климатските промени се особено изложени земјите од Балканот, кои се зависни од користењето јаглен во производството на електрична енергија, за која во моментот се чувствува голем недостиг. Тоа, секако, ќе го одложи и спроведувањето еколошки стратегии и национални планови за преминување кон алтернативни извори на енергија, за која се потребни и огромни финансиски средства. За овој проблем се говореше и на минатонеделниот самит на лидерите за климатски промени КОП26 во Глазгов. На недостигот од финансиски средства за побрзо преминување на енергетската транзиција посочија лидерите на земјите, кои домашното производство на електрична енергија главно го добиваат од термоцентралите на јаглен.
– Лесно е да се зборува за климатските промени. Сите ние овде сакаме зеленило околу нас, чисти води, електрични автомобили, но не знаеме што ќе правиме со литиумот, никелот, кобалтот, со рудниците на бакар, челикот и сѐ што е потребно за тие автомобили. Што ќе биде со цената на струјата, ако го исклучиме јагленот и правиме обновливи извори на енергија. Станува збор за огромни финансиски средства за да се зачува животната средина и за почист воздух. Овде се зборуваше за можност од милијарди евра, но дали тие се доделуваат бесплатно и дали тие средства имаат цена и која е каматната стапка – изјави Александар Вучиќ, претседателот на Србија, во која околу 70 отсто од домашната електрична енергија доаѓа со користење јаглен.
Како последица на климатските промени, минатото лето земјите од поширокиот балкански простор се соочија со високи температури, кои достигнуваа до 46,3 степени во Грција и 49,1 степени во Турција. Овие земји беа соочени со големи пожари, кои забрзано ја менуваат животната средина во земјите околу Медитеранот. Покрај ова, температурата на водата се зголемува за 20 отсто побрзо од глобалниот просек, а се предвидува пораст на нивото на водата за повеќе од еден метар до 2100 година. Деновиве, хрватските медиуми објавуваа карти на кои беа направени симулации за поплавените делови на градовите на морското крајбрежје, во случај да продолжи глобалното затоплување.
Хрватската народна банка излезе со соопштение во кое се наведува дека во наредниот период оваа институција ќе работи „на развој и спроведување на сопствена климатска стратегија, во која ќе се вклучуваат и климатските и еколошките ризици во своите супервизорски процени, како и за поттикнување на кредитните институции овие ризици да ги вклучуваат во своите политики“.
Хрватска, како и големите земји, во идните децении ќе биде изложена на натамошно постапно зголемување на просечната температура и опасни временски екстреми, што ќе влијае на нејзиниот природен и физички капитал, како и на социоекономскиот систем. Заради ублажување на климатските промени и за енергетската транзиција е важно да постои координирано дејствување на сите приватни и јавни учесници и институции, како и од меѓународната заедница, нагласуваат од Хрватската народна банка.
Турција би можела да се ослободи од јагленот до 2030 година доколку на компаниите што користат фосилни горива им се наметне финансиска одговорност за екстерните последици, според принципот „загадувачот плаќа“ и доколку Владата ја укине субвенцијата за јаглен, објави агенцијата „Анадолија“.
Со откажувањето на Турција од јагленот до 2030 година, може да се намали емисијата на јаглен од енергетскиот сектор за 82,8 отсто во периодот меѓу 2021 и 2035 година, пишува во извештајот за откажување од користење на јагленот во Турција. Невладините организации сметаат дека со фокусирањето на постепеното гаснење за производство на јаглен во корист на подигање на производството на обновливи енергии на 73,6 отсто ќе се реши проблемот со високата цена на електричната енергија и ќе се создаде енергетска сигурност и енергетска независност, која е од витално значење за Турција, пренесува „Ал џезира“.
Македонија постепено ќе го менува производството на електрична енергија од јаглен со производство на електрична енергија од обновливи извори. За енергетската транзиција се неопходни инвестиции од 800 до 900 милиони евра на годишно ниво до 2040 година, беше посочено на онлајн конференцијата „Визија за енергетска транзиција 2040“, на почетокот од годинава. Целта на проектот е да ѝ се даде поддршка на Владата во ревизија на Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година и изработка на Програма за имплементација на Стратегијата во наредниот петгодишен период.
Со новата Стратегија за енергетика, Македонија во следните две децении планира да ги затвори сите термоцентрали на јаглен и да направи транзиција кон обновливи извори на енергија, објави Радио Слободна Европа.
Плановите на Владата се во следните пет години да биде реализиран инвестициски циклус за земјата да биде „позелена“ и за зголемена ефикасност на енергетскиот сектор. До 2026 година да биде заменет првиот блок на најголемиот енергетски капацитет во земјата РЕК „Битола“, кој работи на јаглен, со фотонапонска електроцентрала. До 2026 година, РЕК „Битола“ ќе го исклучи првиот блок што работи на јаглен за да го замени со когенеративна гасна електроцентрала со моќност од 250 мегавати, за производство на електрична енергија и за топлификација на Битола. Другите два блока на РЕК „Битола“ ќе бидат модернизирани до 2023 година преку „темелна“ реконструкција на електростатските филтри, а дека до 2026 година ќе биде направена целосна десулфуризација и декарбонизација за подобрување на еколошката прифатливост и задоволување на европските стандарди.