Високиот претставник на ЕУ, Јосеп Борел, на министрите ќе им го даде на увид документот со кој јасно се порачува целта, а тоа е Западен Балкан да биде полноправен член во ЕУ
Шефовите на дипломатијата на земјите од Европската Унија вчера во Брисел ја разгледуваа новата стратегија за јакнење на политичкиот ангажман во земјите од Западен Балкан. Пред почетокот на состанокот во Брисел, во медиумите беа објавени делови од содржината на новиот документ, кој треба да ги „забрза заедничкиот потенцијал и партнерското дејствување на ЕУ и Западен Балкан во пресрет на новите светски предизвици“. Како што пренесоа агенциите, високиот претставник на ЕУ, Јосеп Борел, на министрите ќе им го даде на увид документот со кој јасно се порачува целта, а тоа е Западен Балкан да биде полноправен член во ЕУ, со забелешка дека „секоја друга сугестија ќе го одвлече вниманието од лошите последици за идната работа, која мора да се направи за да се оствари визијата за обединување на силна и напредна Европа“.
Пред средбата на европските министри за надворешни работи, неименуван висок претставник на ЕУ изјави дека на состанокот ќе се утврдат начините за поуспешна соработка со Западен Балкан, што е неопходна за стабилноста и сигурноста на самата ЕУ. Овие прашања ќе бидат разгледувани на општата расправа во вторник, а шефовите на државите или владите во јуни ќе треба да разговараат за ставање на односите со Западен Балкан како еден од поважните приоритети на ЕУ.
Во нонпејперот на Борел, како што го нарекуваат медиумите, се предвидува засилен ангажман на ЕУ на Западен Балкан. „Танјуг“ објави дека во овој документ се искажани очекувањата од Србија да ги забрза реформите, но и ја искористи можноста за постигнување договор со Косово. Во текстот на документот се оценува дека властите во Белград и во Приштина имаат силен мандат, кој е добиен на изборите, кој треба да се искористи за постигнување сеопфатен договор за нормализација на односите. Исто така, се нагласува дека интеграциите на Западен Балкан во ЕУ се политички, безбедносен и економски интерес, како и инвестиција за стабилен просперитет на Унијата.
Во документот се укажува на тоа дека граѓаните на Западен Балкан имаат „чувство на длабоко разочарување“ во процесот на проширувањето, а во случајот со Србија има и забавување на напредокот кон европскиот пат. Во заклучоците се споменува и единствениот пристап кон земјите од регионот, кои сите сили треба да ги насочат на работата на заедничката иднина и за цврсто поврзување на Западен Балкан со ЕУ, пренесува Б92.
Шефот на дипломатијата на Австрија, Александар Шеленберг, смета дека односите на ЕУ кон ЗБ не смеат да се сведат само на процесот на пристапните преговори, туку на регионот мора на повеќе начини да му се даде видлива перспектива. Тој наведува на „два модела за живот на регионот“.
– Едниот е европскиот модел, а другиот може да дојде однадвор доколку му свртиме грб на Западен Балкан и се создаде вакуум, кој нема да биде во наш стратегиски интерес – нагласува Шеленберг.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, пред состанокот на министрите во Брисел, оцени дека лидерите на БиХ треба да престанат со националистичката реторика и наместо тоа да се фокусираат на брзиот напредок во реформите.
– Испратив јасна порака до водачите на БиХ за време на важните разговори со претседателството на земјата – тие мора да престанат да ја користат националистичката реторика на поделби и наместо тоа да се фокусираат на брзиот напредок во реформите – рече Борел.
Висок претставник на ЕУ, кој беше во БиХ кон крајот на април, рече дека политичката атмосфера во земјата неодамна се влошила, јавуваат тамошните медиуми.
– Опасно е и неприфатливо да се зборува за отцепување, нови граници, понатамошни етнички поделби или војна – рече Борел.
По вчерашната посета на премиерот Зоран Заев на Брисел се очекува поактивно вклучување на ЕК во наоѓање решение за деблокада на процесот за почеток на преговорите на ЕУ со Македонија. Европската комисија поактивно ќе се вклучи во барањето решение за почеток на преговорите на Македонија, најави Владата, откако премиерот Зоран Заев придружуван од вицепремиер за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи беше на средби со првите луѓе на ЕУ.
Заев на средба и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, како што соопшти владината прес-служба, порачал дека македонскиот јазик и идентитет наметнати како прашања од Бугарија воопшто не смеат да бидат тема на разговорите и ангажманот на Брисел и дека Македонија единствено така ќе продолжи да разговара за нејзината европска иднина.
– Македонскиот идентитет освен што е прашање на гордост, тоа е и прашање на факти, наука, традиција и национално обележје на нашиот народ. Тој не е и нема да биде предмет на преговори. Европските вредности се водилка за нас, но заштита на идентитетот исто така е европска вредност – порачал Заев на средбата со претседателката на ЕК, Фон дер Лејен, пренесе Радио Слободна Европа.