На последната заедничка владина седница Косово и Албанија потпишаа повеќе договори што се однесуваат на заедничкото управување на двете земји, но кои не соодветствуваат со идејата за регионалното поврзување меѓу сите земји од Западен Балкан, под иницијативата за мини-шенген
Од замрзнат конфликт до конструктивен дијалог, од договори за економска нормализација на односите и заложби за создавање регионален мини-шенген до заеднички состаноци на влади и формирање билатерални царински унии. Во овие рамки се движат српско-албанските односи во последните години, ако се следат дипломатските активности на државните лидери на Албанија, Србија и на Косово. Во однесувањето на претставниците на трите страни од овој „балкански триаголник“ речиси стана вообичаено да се даваат наменски коментари во зависност од поводот или друштвото во кои се даваат, но кои предизвикуваат повремени дипломатски тензии меѓу Белград, Тирана и Приштина. Последниот настан од минатата недела повторно ја заостри реториката на српските и албанските политичари, при што на крајот новата соседска расправија заврши со двострана размена на дипломатски ноти за „непримерните изјави“, кои ги подгреаја етничката нетрпеливост и реафирмирање на застарени идеи за формирање големи држави на Балканот.
Министерството за надворешни работи на Србија изминатава недела го повика амбасадорот на Албанија во Белград, Илир Бочку, кому му беше врачен најостар протест по повод изјавата дадена на заедничката седница на владите на Албанија и на Косово, на втори октомври во Тирана, а која се однесуваше на укинување на албанско-косовските граници. Според официјален Белград, ваквите изјави имплицираат „обединување на Албанија и српската покраина Косово и Метохија и создавање голема Албанија“.
Во таа смисла се искажани очекувања дека државните функционери на Албанија во иднина ќе се воздржуваат од изјави што ги нарушуваат односите меѓу Србија и Албанија и кои може да го дестабилизираат регионот. Во исто време и албанското МНР го повика српскиот дипломат во Тирана за врачување протестна нота поради „навредливите изјави на министерот за одбрана на Србија, Александар Вулин“.
На последната заедничка владина седница Косово и Албанија потпишаа четири договори и други протоколи и меморандуми што се однесуваат на заедничкото управување на двете земји. Едниот од овие документи се однесува за железничкиот сообраќај. Тоа е содржано и во Вашингтонскиот договор за економска нормализација на односите меѓу Србија и Косово, а кое се однесува за спроведување студија за изводливост за железничко поврзување меѓу Белград и Приштина, со пристаниште на Јадранско Море, пренесува Радио Слободна Европа.
Покрај ова, беше потпишан и договор за формирање заеднички фонд за поддршка на албанските општини во Прешевската Долина, на југот од Србија. Тирана и Приштина се согласија и за царински олеснувања за извоз и увоз на производи и услуги од двете земји. Во досегашната билатерална соработка Албанија и Косово имаат потпишано над 70 договори во различни области.
За премиерот на Косово, Авдулах Хоти, овие договори се влегување во нова фаза на соработка меѓу двете земји, додека албанскиот премиер Еди Рама потсети на нивните амбиции за отстранување на границите меѓу Албанија и Косово, а со договорот за царински олеснувања пристаништето Драч ќе стане и косовско пристаниште за излез на море.
Емир Абрасхи, истражувач на јавни политики од НВО „Демократија плус“, оценува дека Косово и Албанија не мора повеќе да потпишуваат меѓусебни договори за соработка, имајќи предвид дека и Косово и Албанија се согласуваат да бидат дел од регионалното поврзување под концептот за мини-шенген, кој значи отстранување на бариерите не само меѓу двете земји туку на сите земји-членки од регионот.
Астрит Панџа, извршниот директор на Косовскиот клуб на производители, смета дека двете земји треба да се посветат на спроведување на постигнатите договори, а не да се потпишуваат нови.
– Не ни требаат разговори за нови договори, туку да бараме одговорност за примената на постојните. Не сум сигурен дека иницијативата за мини-шенген може целосно да се реализира поради проблемите меѓу Косово и Србија. Неопходен е сеопфатен договор на сите земји-членки на оваа регионална иницијатива – вели Панџа за РСЕ.