Зборот „компромис“ го обележува финишот на дијалогот меѓу Србија и Косово, но останува нејасно што подразбираат српските политичари под овој термин
Зборот „компромис“ сѐ повеќе се користи од официјалните лица на Србија во ситуациите кога разговараат за решавање на косовскиот проблем. Овој збор го обележува финишот на дијалогот меѓу Белград и Приштина, но останува нејасно што се подразбира под овој термин и колку двете страни се подготвени за постигнување компромис, пишува „Дојче веле“ во својата анализа посветена на можното решение за признавање на независноста на Косово.
Паралелно со нагласувањето за компромис, српските политичари често наведуваат дека во решавањето на косовското прашање Србија не смее да загуби сѐ, а за возврат да не добие ништо. Во овој случај српските граѓани никогаш не дознаа што е тоа што се очекува да го добие српската страна за да се согласи на конечно решение или на потпишување правно обврзувачка спогодба.
Одговорот на ова прашање не го понуди ни т.н. внатрешен дијалог за Косово, кој беше завршен со некои општи заклучоци. Доколку се сака да се пронајде некој преовладувачки став по внатрешниот дијалог, тогаш тоа е најверојатно поддршката на ставот за „замрзнат конфликт“ на Косово, за кој зборуваше и српскиот претседател Александар Вучиќ, а за кој и самиот изјави дека тоа е најлошото решение за Србија. Приврзаниците на оваа мислење сметаат дека Србија нема причина да брза и дека мора да чека поповолни геополитички околности за конечно решавање на проблемот со Косово.
За Чедомир Антиќ, претседател на Напреден клуб, не постојат дилеми, а компромисното решение е само во поделба на Косово.
– Кога српските официјални лица зборуваат за компромис, тие мислат на поделбата на Косово, иако никогаш јавно не се кажува тоа. Многумина од нив не сакаат јавно да говорат затоа што со години водеа кампања против таквото решение. Се мисли дека ако се говори за поделба, тогаш сте и за признавање на независноста на Косово, односно на тоа што ќе остане од него. Тие постојано испраќаат сигнали во таа насока, но тешко е да се дели територијата што повеќе не ја контролирате – вели Антиќ.
Бојан Ал Пинто Бркиќ од Форумот за меѓународните односи, под компромис не подразбира и поделба на Косово.
– Мислам дека тоа не е решение на преговарачката маса, ниту Србија воопшто има можност таков предлог да внесе во преговарачкиот процес. Србија во 1999 година го потпиша кумановскиот договор, врз чија основа е донесена резолуцијата на Обединетите нации, која упатува на тоа дека нема да има поделба на Косово и дека српскиот суверенитет на Косово не е прашање на кое ќе се враќаме – вели Бркиќ за „Дојче веле“.
Со политиката на мали чекори, која се води по потпишувањето на кумановскиот договор, Србија постепено го преотстапуваше суверенитетот на Косово и српските институции речиси исчезнаа од овој простор. Според Бркиќ, прашање е колку оваа политика е долгорочно издржлива.
– Црвените линии на Србија во прашањето за Косово постојано се поместуваа. Зборот компромис е атрактивен и сугерира дека двете страни се откажале од некои свои црвени линии за да постигнат решение што е задоволително за двете страни. Веројатно следните месеци ќе дојде до некој договор, кој ќе биде сличен на Бриселската спогодба, и тоа ќе се претстави како голем компромис, кој е постигнат благодарение на долги и тешки преговори на двете страни – вели Бркиќ.
Српските медиуми најавуваат и прифаќање на можен компромис од албанската страна, но не е извесно што би било конечното решение. Чедомир Антиќ оценува дека косовските Албанци знаат дека, долгорочно гледано, трајно непријателство со Србија не им е потребно.
– Се чини дека и тие би биле подготвени за некои отстапки, можеби и за некоја размена на територии. Луѓето што ги водат преговорите се дипломати од среден ранг и тие не сакаат компромиси, бидејќи зошто би го правеле тоа доколку Вучиќ се согласи на сѐ. Така, за некои работи треба и да се борите, а Вучиќ не смее да го прави тоа – оценува Антиќ.
Соговорниците на ДВ сметаат дека Србија не може да добие отстапки од албанската страна, иако таа е најслабата преговарачка страна во целиот процес и на неа е најлесно да се изврши притисок.
– Официјална Приштина не е во позиција да ѝ дава какви било отстапки или права на Србија. Тоа за што начелно се преговара во Брисел е одамна одлучено и сега се разговара за некои технички прашања, односно дали Србија ќе престане да го блокира членството на Косово во меѓународните организации. Всушност, Србија преговара со ЕУ и Америка, со неформалниот клуб што се нарекува Квинта и тие пет земји преговараат со Србија – истакнува Бркиќ.