При склучувањето на договорот банкарскиот службеник нема обврска да го информира потенцијалниот клиент која опција му е најповолна
Хрватската народна банка изработила упатство кое на граѓаните ќе им користи за подобро да ги пронаоѓаат сите скриени трошоци што банките им ги наплаќаат за користењето на нивните услуги. Со сегашната поставеност на банкарскиот систем во Хрватска, граѓаните плаќаат околу 400 различни давачки, што е втор најсилен извор на приходи покрај наплатување на камати за издадени кредити и позајмици, пишува ХРТ.
На долгиот список на банкарски услуги за кои треба да се плати одреден износ се продолжување и замена на кредитна картичка, отворање и затворање на тековна сметка, издавање на потврда за извршени трансакции, за промена на пин, за предвремена исплата на рата за земен кредит и др.
– Наплатувањето различни провизии е втор по големина приход на банките. Банката сама го одредува износот што треба да се наплати. Пакетот на услуги се наплатува помалку, но тоа е само привид дека тоа на граѓаните им се дава бесплатно – вели Зоран Балија, експерт за банкарско работење.
Постојат и надоместоци за кои нема некое логично оправдување, како што е наплатување на трошок доколку се вади поголема сума пари, а потоа ако се откаже оваа услуга. Се наплатува и самиот повик кога се соопштува за губење на картичката или кога ќе се заборави пинот. Годишно во просек на секој корисник на банкарски услуги му се наплатува по 700 куни, околу 90 евра. Сегашната обврска за банките е да ги информираат граѓаните за надоместоците кои ги наплатуваат.
При склучувањето на договорот со банката клиентите имаат право да знаат колку изнесуваат надоместоците. Банките кои дејствуваат во две земји немаат ист ценовник за своите услуги. Банкарските надоместоци во Хрватска се во рамките на просекот на Европската Унија. Италија е на врвот на листата со околу 240 евра наплатени провизии од еден корисник, а најмала е Холандија со 40 евра на годишно ниво.
– Мора да се истакне и пазарната конкуренција меѓу банките кои сакаат подобро да се позиционираат пред граѓаните. Тие на своите клиенти сакаат да им понудат најдобри услови – вели Дарио Грабиќ, од Ерсте банка.
При склучување на договорот банкарскиот службеник нема обврска да го информира потенцијалниот клиент која опција му е најповолна. Дури на барање на клиентот тој може да направи споредба со другите банки. Засега има големи разлики во висината на надоместоците во одделни банки во Хрватска, но наскоро тие би требале да бидат изедначени.
– Последната директива на ЕУ се однесува на изедначување и намалување на банкарските трошоци. Ова се случуваше и при користењето на роамингот во мобилната телефонија – објаснува Балија.
Во некои случаи наплатувањето на банкарските надоместоци се оправдани, но најчесто на граѓаните не им е јасно зошто ги плаќаат, како што е примерот за одржување на банкарската сметка!
Од лани банките во Хрватска се должни на потрошувачите да им издаваат документи за наплатените надоместоци за најрепрезентативните услуги кои се поврзани со сметката за плаќање. Граѓаните кои сметаат дека нивната банка наплатува прескапи услуги, доволно е да соопштат дека сакаат да ја префрлат сметката во друга банка со давање полномошно и таа постапка ќе ја заврши самата банка. Постапката за префрлање на сметката е едноставна. Дозволено е и префрлање на сметката која е со минусно салдо, но за да се затвори сметката прво треба да се покрие минусот. Банките во Хрватска лани оствариле добивка од 5,64 милијарди куни. Здруженијата на потрошувачи бараат од регулаторот ХНБ да влијае на банките да ги намалат непотребните трошоци кои одат на товар на корисниците на банкарски сметки.