Заеднички проблем за сите држави од Западен Балкан е што не постои систем што ќе ја прифати оваа храна од домаќинствата, маркетите и мензите, па затоа таа веднаш се фрла на депониите
Неискористената храна завршува во депониите во регионот
Во услови кога растат цените на енергијата и на храната, се очекува зголемување на бројот на гладните во земјите во регионот. Поради губењето на работните места, како резултат на кризата од пандемијата на ковид-19, повеќе држави ги зајакнуваат институционалните капацитети за порационално користење на храната. Заеднички проблем за сите држави од Западен Балкан е што не постои систем што ќе ја прифати оваа храна од домаќинствата, маркетите и мензите што останува неискористена, па затоа таа веднаш се фрла на депониите.
Сѐ повеќе македонски граѓани остануваат гладни
Во Македонија околу 100 илјади тони храна се фрла годишно, во услови кога околу 450 илјади граѓани, според статистичките податоци, се сиромашни. Во овие 100 илјади влегува храната што се фрла од домаќинствата, компаниите, рестораните, но и вишоците од земјоделското производство. Државата, заедно со граѓанските организации, прави обиди да се ублажи овој проблем преку воспоставување можности за донирање на храната, но и нејзина дистрибуција до оние на кои им е најпотребно. Со добри програми и систем, најмалку 10 илјади тони од оваа храна може да се искористат.
– Македонија, Босна и Херцеговина и Албанија се најсиромашни во регионот, со најголем број социјално загрозени лица. Нашите процени се дека земјата годишно на неискористена храна губи од осум до десет милиони евра. Сепак, имаме раст во прифаќањето на донираната храна. Лани беа дистрибуирани 280 тони храна, а годинава е преземена храна над 330 тони, која е преземана и дистрибуирана до нашите корисници. Но во исто време се забележува и зголемен број лица, кои имаат потреба од храна и нивниот број е поголем од тоа што се води во социјалните служби на државата. Последните месеци има нови ад хок корисници, тоа се претежно самохрани родители, со или без работа, кои остваруваат ниски приходи. Како организација, која е членка на Европската федерација на банки за храна, доставивме и законски предлог-текст за подобрување на третманот со неискористената храна, но засега нема повратна иницијатива од државните институции – ни изјави Душко Христов, од Банката за храна во Македонија.
Црна Гора бара излез во законската регулатива
Во Црна Гора, според извештајот на Обединетите нации, се фрла најмногу храна во споредба со државите од поранешна Југославија. Еден црногорски жител годишно во просек фрла 83 килограми храна. Домаќинствата, угостителските објекти и маркетите подеднакво учествуваат во неискористувањето на храната. Причината за тоа е немањето закон со кој би се регулирал третманот со неискористените прехранбени производи, како и за ниската свест кај граѓаните за донирање храна.
– Со порамномерната распределба на храната се намалува и бројот на гладните и се поттикнува штедењето во време на глобална рецесија. Бројот на луѓето што умираат од глад се зголеми за шест пати во минатата година и ја надмина смртноста предизвикана од коронавирусот. Во светот секоја минута од глад умираат 11 лица – изјави Марина Медојевиќ, претседателката на Банката за храна во ЦГ.
Владата на Црна Гора и покрај многубројните апели сѐ уште не ја донела Декларацијата за фрлање храна, што беше прифатена и во Европскиот парламент во 2012 година, пишува весникот „Вијести“. Од националната банка за храна се залагаат за донесување даночни олеснувања за донација на храна на оние што им е потребна, како што се народните кујни, безбедносните куќи и другите организации за социјално загрозените лица. Ова ќе ги поттикне големите производители и трговци со храна да ги донираат прехранбените производи, пред истекот на рокот, а на хуманитарните организации ќе им овозможи полесно да ги нахранат гладните лица.
Србите не сакаат да јадат стара храна
Секоја година во Србија се фрлаат речиси 247 илјади тони храна, а просечно дневно се фрлаат околу 676 тони, покажала анализата за фрлање на храната во домаќинствата во Србија, која ја направи Центарот за унапредување на животната средина. Четиричлено семејство годишно „губи“ 140 килограми храна, односно 40 илјади динари. Најмногу се фрлаат леб, 10,18 килограми, месо, 7,18 кг, и млеко, 6,74 литри, а најмалку овошје, 5,7 кг, и зеленчук, 5,33 кг.
– Храната во Србија се фрла зашто граѓаните не се економични, иако во нашата земја е полош стандардот отколку во другите држави. Храната се фрла во домаќинствата, поради расипување, затоа што не сакаат да јадат стара храна, или сомнеж дека поминал рокот за употреба – вели Катарина Жигиќ Благојевиќ, извршна директорка на Банката за храна во Белград, во изјава за ББС.
Хрватска е под светскиот просек
Хрватска се наоѓа под светскиот просек во фрлањето на храната. Годишно се фрлаат околу 400 илјади тони отпад во храна. Секој жител годишно фрла 97 килограми храна, а најголемиот дел е од домаќинствата.
Во светот 20 отсто, или речиси милијарда тони храна од прехранбените производи, се фрлаат на депониите. На годишно ниво по еден жител фрла 121 килограм храна, а секое домаќинство годишно фрла 74 килограми храна, покажа Извештајот за индексот за фрлање храна, направен од Програмата на Обединетите нации (УНЕП).