Актуелните криминални елити од Балканот своите организации ги формирале врз темелите поставени од криминалците што потекнувале од поранешна Југославија и кои во 1990-тите години раководеле со бизнисите за шверц на дрога и учествувале во граѓанските војни
Криминалните банди од Западен Балкан, кои во минатото важеа за регионални криминални организации, ги прошириле своите активности во Латинска Америка, Австралија, Западна Европа и во Турција. Овие криминални организации преку пристаништата во Албанија и во Шпанија воспоставиле мрежи по воден пат за транспортот на дрогата. Во Европа значајна точка за „проток“ на наркотични супстанции е Италија. Одовде албанските криминалци ја редистрибуираат дрогата, која се пренасочува до Албанија од каде што по тајни канали завршува во другите земји во Европа, пишува „Балкан инсајт“.
Пристаништата во Шпанија, и особено во Валенсија, ги „контролираат“ криминалните групи од Србија и од Црна Гора, кои, пак, на сличен начин како албанските картели ја транспортираат дрогата од и до пристаништето во Котор. Во текстот објавен на „Балкан инсајт“ се констатира дека актуелните криминални елити од Балканот своите организации ги формирале врз темелите поставени од криминалците што потекнувале од поранешна Југославија и кои во 1990-тите години раководеле со бизнисите за шверц на дрога и учествувале во граѓанските војни. Освен со трговија на дрога, балканските криминални кланови се занимаваат и со шверц на цигари и со илегален промет на мигранти од Турција што патуваат кон Европа.
Извештајот укажува дека една од причините зошто Чешка станала жариште за криминалните групи од Балканот се должи на организирањето мрежа од коцкарници. Од раните 1990-ти години, земјата се користи од страна на организирани групи за перење пари преку објекти и апарати за коцкање. Во моментов е намалена потребата бизнисот со коцкање да се користи како начин на перење пари. Ова се должи на подобрата организација на криминалните групи од Западен Балкан, стационирани во Чешка, кои сега можат да користат и други форми на меѓународната мрежа за перење на сомнителниот капитал.
Во Латинска Америка, пак, главен фокус во дејствувањето на балканските криминалци е трговијата со кокаин. Балканските мултиетнички криминални групи раководат со транспортот на дрога од Колумбија, Еквадор, Перу, Уругвај и од Бразил и со пласирањето на европскиот континент остваруваат огромни профити.
Белградскиот аналитичар Александар Бечиќ смета дека криминалот и натаму е еден од проблематичните општествени наративи со кој се соочуваат државите од регионот.
– Иако во разните извештаи се заклучува дека проблемот со организираниот криминал од Западен Балкан во голема мера е преселен во странство, сепак активностите на овие криминални групи им штетат на угледот и на имиџот на нивните матични земји, особено во процесот на пристапување кон ЕУ – посочува Бечиќ.
Според него, Балканците се „главните“ лица во светскиот криминал најверојатно затоа што економиите од земјите од кои потекнуваат се слаби, во нив постои висока корупција.
Информации за сѐ поголемата активност на балканските криминални организации има и во извештајот на Опсерваторијата на граѓанското општество за борба против организираниот криминал во Југоисточна Европа (ЈИЕ-Опс), како и во истражувањето на швајцарскиот институт „Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал“. Во документот на швајцарската организација стои дека балканските криминалци на почвата на Европа најмногу се активни во Италија, Шпанија, Чешка и во Холандија.