Регионот и онака беше погоден од криза со одлив на мозоци, вклучувајќи и доктори и здравствени работници што си заминуваа заради повисоките плати и подобрите здравствени системи во поразвиените држави. Во актуелнава ситуација со ковид-19, кога здравствениот сектор во сите држави на Балканот се соочува со недостиг од тесно специјализирани човечки ресурси од областа на здравството, силен е впечатокот дека отсуствувала визија кај сите регионални државни и политички лидери за тоа дека во секоја од државите во опкружувањето, есенцијален градбен елемент се младите, нивното знаење, вештини, храброст и ентузијазам и дека за државна и национална одржливост токму тоа ќе недостига во нивните матични татковини
Хроничната „болест“ на иселувањето од балканските држави го зеде својот данок
Со болници на кои им недостига медицински персонал, доктори, медицински сестри и техничари, кои изминатиов период интензивно се селеа во странство, балканските држави се соочуваат и со тој предизвик, бидејќи таквиот недостиг ќе донесе дефицит на лица што најдобро знаат и умеат да му се спротивстават на овој проблем, да го амортизираат и евентуално спречат, бидејќи се на првата линија на фронтот. Регионот е исклучително засегнат од кризата со одлив на мозоци, односно со доктори и здравствени работници што си заминуваат поради повисоките плати и подобрите здравствени системи во поразвиените држави.
Во една ваква ситуација, само со максимална дисциплина, добра организација на кризен менаџмент, почитување на препораките на здравствените работници и надлежните институции во врска со режимот на нашето однесување и работење, Македонија може побезболно да ја преброди оваа пандемија, смета д-р Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија.
– Ако ширењето на вирусот зафати приближно иста експоненцијална крива како што имаме во Италија и во Шпанија, нашиот здравствен систем ниту кадровски, а уште помалку со ресурси би можел да издржи еден таков жесток прилив на пациенти. Токму поради овие факти се секојдневните апели од Министерството за здравство и од нас докторите, по секоја цена да го забавиме експоненцијалниот раст на заболени. Мерките за самоизолација се психички товар за сите, но максималната дисциплина е единствениот начин Македонија релативно безболно да ја преброди оваа пандемија – предупредува д-р Беќаровски.
Д-р Божидар Кочоски од Клиниката за хематологија, кој е член на Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти, вели дека миграцијата на докторите направи ударот кон помалите земји да биде поголем и со поголеми последици по здравствениот систем. Загрижувачка е и неговата констатација дека ако се земат предвид сѐ почестите примери со лошиот однос на дел од граѓаните кон докторите, тогаш навистина дефицитот од оваа струка во иднина ќе биде уште поголем.
– Миграцијата на докторите е глобален проблем и ударот кон помалите земји ќе биде секогаш поголем и со сѐ поголеми последици по здравствениот систем. Светот по оваа пандемија нема да биде оној што го знаеме. Ризикот за здравствените работници и нивните семејства е најголем, па сѐ помалку ќе сакаат да бидат во оваа професија. Бројот на заразени лекари е огромен во сите погодени земји, а и во Македонија изнесува околу 9 отсто од дијагностицираните случаи. Доколку го додадеме и односот на дел од јавноста кон белиот мантил (сите физички напади, омаловажувања, малтретирања), тогаш одлуката да се напушти нашето здравство ќе биде полесна – смета д-р Кочоски.
Ударот кон здравствениот систем што го предизвикува болеста ковид-19 е огромен, но, како и да е, македонскиот здравствен систем е ставен во целосна готовност, согласен е тој. Наедно, д-р Кочоски предлага мерки, односно што поскоро вработување многу млади доктори, соодветен трансфер на знаење и вештини за да се амортизира бранот на заминувања во иднина.
– Мора да ги следиме препораките и да се обидеме да го одложиме врвот на болни што се јавуваат, за сите да добијат најдобра грижа. Македонскиот здравствен систем е ставен во полна готовност и засега се справува со предизвикот пред кој е исправен. Во периодот на закрепнување од пандемијата очекувам олеснување на приемните критериуми за медицинскиот персонал, пред сѐ во Италија, Шпанија, Велика Британија, Германија, кои ќе придонесат за зголемена миграција кон тие земји. Затоа се потребни интервентни мерки, вработување на многу млади доктори, соодветен трансфер на знаење и вештини, за да го амортизираме бранот на заминувања што ќе следува. Верувам дека ќе успееме и дека со ладни глави ќе се подготвиме за идните предизвици што ќе следуваат – истакна Кочоски.
Според податоците на Светската здравствена организација, Албанија е во најлоша состојба, само со еден доктор на 1.000 жители. Следуваат Босна и Херцеговина и Романија, со двајца лекари на 1.000 жители.
Како што пренесува „Франс 24 “, во Бугарија бројот на медицински сестри е двојно намален во последните 30 години. Алармантен е недостигот од здравствени работници и во Косово (околу 5.000). Тамошните граѓани се лекуваат во околните држави, но сега се затворени границите.