Некои балкански земји направија големи чекори во подобрување на своите институции. Мислам дека е потребен таков вид реформи и доколку се забрзаат, тоа ќе помогне и за позициите на овие земји во ЕУ, смета професорот Френсис Фукујама, кој го анализира влијанието на Кина во регионот
Кина не е мотивирана само од економски причини туку и од надворешнополитички и стратегиски цели кога влегува во проекти на Балканот. Пекинг почувствува дека може да оствари влијание преку инвестирање во Црна Гора, во проект што нема економско оправдување, а тоа е поради намерата да влезе во една земја што е членка на НАТО. Меѓутоа, иако Кина и Русија настојуваат да го искористат вакуумот на Балканот поради заморот од проширувањето во Европската Унија, европскиот блок треба да инсистира на минимум стандарди, кои земјите аспиранти од регионот треба да ги исполнат за да влезат во европското друштво, смета Френсис Фукујама, професор на универзитетот „Стенфорд“. Тој во разговор за Радио Слободна Европа вели дека ЕУ, всушност, има добра причина за претпазливост при приемот на земјите како Србија, бидејќи постојат некои нелиберални и автократски тенденции во оваа држава и тоа ѝ отвора пат на Кина.
– Ова е дел од нормалната геополитика, да има натпревар меѓу две опции. Но ако Србија или која било земја на Балканот сака да биде дел од Европа, мора да направи суштински избор на вредности, дали сака да бидат либерална демократија или полуавторитарен тип држава – вели Фукујама.
Тој ја критикуваше ЕУ поради склучување на инвестицискиот договор со Кина, чија ратификација чека во Европскиот парламент. Како што поминува времето, неизбежен ќе биде судирот на вредностите и на геополитичките интереси. Тој се осврнува на прашањето на тоа што ќе се случува доколку некоја земја не ќе може да ги враќа кинеските кредити за изградба на автопатот, како во случајот со Црна Гора, која поради лошата финансиска состојба во државата побара помош од Европската Унија. Речиси четвртина од црногорскиот долг, кој лани достигна 103 отсто од БДП, се однесува на заемот од Кина, кој е понеповолен во однос на кредитите што ги нудат европските банки.
– Не сум доволно упатен во текстот на договорот за концесија, но знам дека Кина често бара гаранции за кредитите. Кина има повеќе опции и можат едноставно да ги договорат условите за кредитот, да се одложи плаќањето или да се изменат каматните стапки. Тоа се работи што се прават од кредиторите во однос на земјите што ќе влезат во тешкотии. Проблемот е во тоа што Кина е подготвена да финансира проекти – вели Фукујама.
За тоа дали ЕУ прави стратегиска грешка со подигањето на прагот за пристапување, што ги принудува земјите претенденти да бараат алтернативни опции, бидејќи сметаат дека проширувањето на Унијата е далечна иднина, професорот Фукујама вели дека постои таква опасност. Но објаснува дека за тоа има и добра причина, пред сѐ поради Унгарија и Полска, како пример на назадување во рамките на ЕУ и за земји што поткопуваат многу европски вредности кога станува збор за владеењето на правото и сл.
– Мислам дека некои балкански земји направија големи чекори во подобрување на своите институции. Добар пример е Македонија, која го реши спорот со Грција, го прифати новото име, има нова реформска влада, стана членка на НАТО. Тоа е почетна точка за секоја земја што чувствува замор, за да ги подобри своите институции. Тоа не е само гест на добра волја и поради ЕУ туку е нешто добро за самата земја. Мислам дека е потребен таков вид реформи и доколку се забрзаат, тоа ќе помогне и за позициите на овие земји во ЕУ – вели Фукујама, за сѐ поголемото разочарување од проширувањето во ЕУ, но и од сѐ поголемото разочарување од чекање на земјите од Балканот.
Професор на универзитетот „Стенфорд“, во разговорот за РСЕ, дава свои ставови и за постигнување на инвестицискиот договор на ЕУ со Кина и како тој ќе се одрази на односите со САД.
– Овој договор е голема грешка. Постојат голем број европски политичари што се во заблуда мислејќи дека Европа може да балансира меѓу Кина и САД, свртувајќи ги едни против други. Сметам дека Европа нема друг избор, освен да застане на страната на другите либерални демократии во спротивставување на кинеските тоталитарни постапки и ширењето на геополитичкото влијание. Се надевам дека инвестицискиот договор ќе остане замрзнат и дека нема да биде прифатен во Европа – забележува Фукујама.
Тој не очекува војната со царини меѓу САД и Кина да продолжи. Но тоа ќе доведе до преиспитување на моделот на глобализацијата што беше присутен последните децении. Според него, постои уверување дека многу држави во Европа и во Северна Америка станале зависни од Кина, особено во медицинската опрема, земјоделството и другите производи што ги контролира Кина со нивното производство и технологија, со што прави ранливи многу земји во светот, доколку дојде до отворен конфликт на големите економски сили.