Во овој период на балканскиот простор се одржуваат заеднички воени вежби на националните безбедносни сили со НАТО-единиците, предводени од американска команда, додека во Србија се одржаа петдневни руско-српски воени вежби
Земјите од Балканот деновиве се „полигон“ за одржување заеднички вежби на припадниците на националните безбедносни единици со единици на НАТО и на Русија. Во периодот кога во сите земји во опкружувањето се одржува голема, мултинационална заедничка вежба под водство на НАТО, во Србија во четвртокот се реализираа петдневни руско-српски воени вежби. Српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин, по враќањето од Москва, најави одржување заедничка вежба наесен годинава, со Руската национална гарда – Росгвардија, која е составена од полициски единици за посебни намени. Оваа единица е основана со указот на рускиот претседател Владимир Путин и е под негова директна команда.
Веста за одржувањето на воената вежба, која се одвиваше на територијата на Србија, пристигна од руски извори и таа е наречена „Заеднички одговор 2021“. На оваа антитерористичка вежба, која се одржуваше од 20 до 25 мај, од руска страна учествуваа околу 200 војници од 11 единици на специјалната операција. Претходно во земјите од регионот, од 4 мај, почна редовна вежба под водство на американската војска, а во која учествуваат НАТО-партнерите, под името „Бранител на Европа 21“. Во оваа вежба се ангажирани 28.000 војници од 16 земји, кои до јуни ќе изведуваат обука со боева муниција во Балканскиот и во Црноморскиот Регион, како и низ Европа и Африканскиот Регион. Од земјите во регионот учесници се Косово, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Унгарија, Црна Гора, Македонија и Романија.
Поранешниот министер за одбрана на Република Србија, Драган Шутановац, во разговор за Радио Слободна Европа, вели дека најавената вежба на полициските сили на Србија со руската Росгвардија, ќе предизвика интересирање кај западните партнери на Србија.
– Прашањето е во кој степен овој вид вежба е целисходна и применлива во однос на безбедносниот систем што го има Србија, и дали овие вежби, кои се однесуваат на борба против тероризмот, навистина се функционални и неопходни на начин на кои се претставени, или Србија би требало да вежба со земјите што се занимаваат со борба против организираниот криминал, трговија со луѓе, илегалната емиграција или со трговија со наркотици – вели Шутановац.
Истражувачот од невладината организација Белградски центар за безбедносна политика, Вук Вуксановиќ, вели дека Западот нема да гледа благонаклонето на ваквите најави за заеднички руско-српски полициски вежби.
– На сите им е јасно дека на овој начин Белград се обидува да одржи еднаква воена еквидистанца меѓу Русија и Западот. Ваквите вежби можат да се толкуваат и како обид на Белград преку соработката во безбедноста со Москва да се обиде евентуално да го уценува Запад. Тоа, секако, ќе зависи од односот на Москва и на Западот, па доколку тој е напнат, како што е сега, тогаш на ова приближување на Белград и Москва ќе се гледа со резерва – објаснува Вуксановиќ.
Во воената вежба „Брз одговор 21“, која се одржуваше во БиХ, во рамките на големата мултинационална вежба „Бранител на Европа 21“, учествуваа 500 војници на оружените сили на БиХ и околу 700 припадници на американските воени сили, со опремата што сукцесивно пристигнуваше во БиХ.
За воениот аналитичар од Сараево, Ѓуро Козар, ова не е само вежба туку и силна порака на БиХ дека ја продолжува соработката со НАТО, наспроти претходниот став на Република Српска, за воена неутралност.
– Оваа вежба што е во рамките на Партнерството за мир е показател за тоа колку за Америка е важно ова геополитичко подрачје, кое е разединето. Имаме Федерација БиХ, која е за НАТО, и РС, која е против пристапување, но е за соработка – вели Козар.
Пораката од оваа вежба, според воениот аналитичар Александар Радиќ, е дека „Америка е тука да го штити просторот на Европа и на Западен Балкан“.
Директорот на Центарот за меѓународни односи во БиХ, Милош Шолаја, не придава поголемо значење на големата НАТО-вежба и смета дека таа е една во низата слични што се одржуваат речиси секоја година на различни локации. Тој потсетува дека во БиХ и претходно имало вежби со НАТО.
– Секоја вежба и секоја активност се однесуваат на реализација на одредена програма и, секако, Западот и Истокот се обидуваат да остварат поголемо влијание во БиХ. Значи, тоа може да се гледа така и утре може да се вежба и со руската војска и нема причина тоа да се одбива – смета Шолаја.
Вежбата во БиХ има одбранбен карактер и е фокусирана на „одвраќање на агресијата“. Претседателството на БиХ едногласно го поддржа одржувањето на оваа вежба, а само пред три години Милорад Додик како претседател на РС најави дека ќе ја блокира сличната воена вежба на Мањача. Годинава се планира да се одржи и српско-американска вежба на падобранците на територијата на Србија, а во исто време продолжува и соработката со Русија, со што таа се обидува да балансира меѓу двете страни.