Некои странски дипломати во Приштина се шокирале кога слушнале дека дел од конечниот договор меѓу Косово и Србија може да биде прогласувањето амнестија за периодот од војната во Косово во 1998-99 година, пишува денеска „Коха Диторе“.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, весникот, повикувајќи се на „мошне кредибилни дипломатски извори“, тврди дека таквите информации истите ги слушнале од официјални лица во Приштина и дека постои ниво на подготвеност меѓу преговарачите, како во Косово, така и во Србија, за нешто такво и да се реализира.
Според дипломатските избори, една таква амнестија би се однесувала на двете страни учеснички во косовската војна, а резултат на тоа би било неформирањето на Специјалниот суд за воени злосторства во Косово.
Од кабинетот на претседателот Хашим Тачи индиректно потврдиле дека може да има амнестија, пишува весникот, додавајќи дека Владата и партиите од владејачката коалиција не прифатиле да коментираат, додека опозицијата е против.