Еден од најистакнатите „кумови“ во албанското подземје, Бардок Планај, е убиен од вооружени лица кои од автоматското оружје „калашников“ испукале 120 куршуми во неговиот „ренџ ровер“.
Планај, познат како Кумбари, бил убиен во неделата на 4 април на патот кон Скадар во северна Албанија во близина на неговиот дом во предградието Добрач. На 46-годишниот Планај му се судеше во отсуство во Белгија за трговија со луѓе а, наводно, учествувал и во шверц на дрога.
Албански „Дејли њуз“ соопшти дека атентаторите го следеле Планај, а потоа од тротоарот пукале во неговиот автомобил и избегале. Подоцна автомобилот бил пронајден запален, а во него било оружјето од убиството.
Во 2014 година Планај беше осуден во Окружниот суд во Скадар за перење пари, фалсификување исправа и незаконска изградба на 10-катница со перени пари. Подоцна истата година, во заедничката акција на албанската и италијанската полиција Планај беше идентификуван како учесник во операција за шверц на дрога во лагуната Вилуни.
Тој го избегнал апсењето и наводно се скрил во автомобил на Марк Фроку, кој во тоа време бил пратеник албанскиот парламент. Фроку, член на Демократската партија, негираше дека го користел својот имунитет како пратеник за да го заштити Планај.
Во 2015 година беше објавено дека самиот Фроку бил осуден во отсуство за убиство на човек во Белгија. Фроку, кој во Белгија беше познат како Бесник Морина, секогаш го негираше убиството на Александар Курти во близина на железничката станица во центарот на Брисел во март 1999 година.