Петер Сијарто / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Унгарскиот министер за надворешни работи ја обвини ЕУ за двојни стандарди при процесот на проширување

Европската Унија очигледно применува двојни стандарди кога станува збор за процесот на проширување, нагласи министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, посочувајќи ги примерите на Македонија и Србија од една страна, а Украина од друга како поткрепа на неговото тврдење.
– Европската комисија пред многу години предложи отворање на следниот кластер поглавја со Србија за да продолжат пристапните преговори. А што се случи? Некои земји членки не се согласија и одлуката не беше усвоена. Дали некој тогаш ги обвини дека го нарушуваат европското единство? Се разбира дека не. Грција со години ги блокираше пристапните преговори со С. Македонија. Дали некој ги обвини Грците? Не. Сега Бугарите имаат предуслови. Дали некој ги критикува? Не, се разбира – рече Сијарто за РТС.
Сијарто имаше уште една интересна забелешка за лицемерството и двојните стандарди во ЕУ, посочувајќи дека Унгарија секогаш се посочува како виновна, бидејќи има влада што не е „по вкус на Брисел“.
– Да бидеме искрени, дали кој било што размислува со здрав разум верува дека Украина е во подобра состојба од Србија како кандидат? Дали некој сериозно мисли дека Украина е поподготвена за влез во ЕУ од Србија? Дали некој верува дека Украина може да донесе повеќе корист за Унијата од Србија? Србија е многу поподготвена, во подобра состојба и би донела повеќе корист ако стане членка. А што се случува? Србија се турка настрана, а Украина се турка напред. Тоа е вистински скандал – заклучува Сијарто. Р.С.