Собранието на Нови Сад денеска го избра Жарко Миќин за нов градоначалник, откако претходно беше констатирана оставката на Милан Ѓуриќ. Миќин најави дека ќе бара од градежната инспекција да ги испита сите објекти во сопственост на градот.
Изборот на новиот градоначалник беше проследен со протести и инциденти. Уште од утринските часови, зградата на Собранието ја обезбедуваа силни полициски единици и припадници на Жандармеријата. Дел од опозициските советници и демонстранти се обидоа да го пробијат полицискиот кордон, но беа спречени. Демонстрантите фрлаа камења, јајца, јогурт, боја и други предмети врз полицијата, при што, според Министерството за внатрешни работи, беа повредени пет полицајци.
Опозицијата тврди дека нивните советници не можеле да влезат во Собранието и покрај легитимациите, додека претседателката на Собранието и МВР го демантираа тоа, наведувајќи дека тие биле повеќепати поканети да влезат.
Младен Цвијетиќ, советник од Движењето на слободни граѓани (ПСГ), оцени дека денешниот ден ќе остане запаметен како ден кога власта одлучи да го укине парламентаризмот и демократијата. Тој го критикуваше изборот на Миќин, нарекувајќи го „десна рака“ на поранешниот премиер Милош Вучевиќ и човек кој бил поврзан со насилни групи за време на протестите во Нови Сад.
– Изборот на Миќин е сигнал до граѓаните дека насилството и уличните групи ќе бидат новиот закон. Покрај тоа, самиот процес на избор беше нелегитимен, бидејќи полицијата физички ги спречи опозициските советници да влезат заедно во салата – изјави Цвијетиќ.