Владите на Франција, Германија, Италија, Обединетото Кралство и САД во заедничко соопштение истакнаа дека жалат што не е постигнат договор што ќе им овозможи на косовските Срби да гласаат на претстојните избори на 3 април, јави дописникот на МИА од Белград.
Земјите од Квинта најавија дека заедно со владите во Белград и Приштина интензивно работеле на изнаоѓање прагматично решение кое ќе им овозможи на граѓаните да го остварат своето право и да гласаат на изборите на 3 април.
– Иако ја цениме волјата на Србија да најде решение, многу сме разочарани кога дознавме дека косовската Влада одлучила да го отфрли конструктивниот предлог на Квинта. Со тоа косовската Влада пропушти можност да ја покаже својата посветеност за заштита на граѓанските и политичките права на своите граѓани вклучително и малцинските групи – се наведува во соопштението.
Земјите од Квинта наведоа дека таквиот став на косовската Влада не е во согласност со вредностите и принципите што ги претставуваат овие пет земји и нема позитивно да влијае на европските аспирации на Приштина.
– По руската инвазија на Украина, го поздравивме усогласувањето на Косово со изјавите и декларациите на ЕУ и она што го усвоија земјите од Квинта. Сепак, од Косово се очекува и да се придржува до основните вредности и одговорности кога станува збор за регионалната стабилност и почитување на демократските процеси , како и посветеност и заштита на правата на малцинските групи – се наведува во соопштениeто.
Овие пет земји очекуваат Приштина да постапи во согласност со интересите на сите нејзини граѓани, да работи на намалување на тензиите и конструктивно да се вклучи во дијалогот за нормализација на односите со Белград со посредство на ЕУ.