Управниот одбор на Здружението на архитекти на Србија денеска соопшти дека на веб-страницата на Владата на Србија е објавена нецелосна техничка документација за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад.
– Од документацијата објавена на веб-страницата на Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура, како дел од идејниот проект е достапен само „Проектот за архитектура“, што е недоволно со оглед на добиените услови и дозволи, како и нивото на извршени работи на реконструкција, доградба и адаптација на предметниот објект – се наведува во соопштението на тоа стручно здружение.
Исто така, посочено е дека „Проектот за архитектура“ како составен дел на Идејниот проект и дел од проектот за изведување треба да биде изработен согласно пропишаната процедура и дека сите спомнати документи мора да бидат достапни на јавен увид на веб-страницата на Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура.
Управниот одбор на Здружението на архитекти наведе дека „техничката документација, односно нејзините делови, без разлика на видот и класата на објектот, мора да бидат комплетирани согласно правилникот, што не е случај со објавената документација“.
Исто така, истакнато е дека објавената техничка документација во сите случаи не е ниту потпишана со електронски потпис, односно не е во форма која ја пропишува Правилникот за централната евиденција на наведената процедура.
На веб-страницата на Владата на Србија се објавени 195 документи на Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура, кои се однесуваат на можното извршување кривично дело во врска со падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, кога загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени.