Членството на Бугарија во Еврозоната ќе овозможи полесен трговски промет за компаниите од одбранбениот сектор, изјави бугарскиот министер за одбрана Атанас Запрјанов на средба од Националната информативна кампања за воведување на еврото.
Тој истакна дека со тоа трговијата со одбранбени производи ќе се одвива без конверзија на валута во рамките на ЕУ, што ќе ја поддржи интеграцијата во воената соработка, пренесува БТА. Запрјанов додаде дека тоа ќе ја зголеми отпорноста кон хибридни закани и претставува елемент на економската сигурност, која е тесно поврзана со националната одбрана.
Министерот посочи дека членството во еврозоната носи економски придобивки – од економии од обем и подобри договорни услови, до намалени ризици од корупција и поефикасно учество во заеднички мисии и вежби.
Според него, тоа ќе овозможи и посилна европска одбранбена индустриска база, а истовремено економската стабилност и пристапот до финансирање што ги обезбедува еврозоната ќе ја зголемат способноста на Бугарија да учествува во европските одбранбени иницијативи.