Фото: „Нова Македонија“

ЕУ има силен интерес да ги стави во функција балканските капацитети за производство на оружје за себе

  • Воената наменска индустрија на Западен Балкан е исклучително привлечна за милитантно настроената Европа. Затоа, Брисел иницира кај владите од регионот на Западен Балкан да ги модернизираат своите воено-индустриски капацитети, истовремено да ги модернизираат своите војски, а и да привлечат инвестиции и „постепено да се интегрираат во воено-одбранбените иницијативи на Европската Унија“. Веројатно, ова ќе биде наскоро придодадено на растегливиот список на услови што земјите од Западен Балкан треба да ги исполнат за забрзана евроинтеграција…

Додека шесте земји од регионот чекаат во ред пред вратата на Европската Унија, сè повеќе почнува да се зборува за нивен потенцијален придонес кон концептот на европската безбедност и одбрана по теркот на актуелен Брисел.
За предизвикот на евроинтеграциите на Западен Балкан, во светлината на производство на оружје и муниција во земјите од чекалницата на ЕУ, пишуваат Димитар Бечев и Илиријана Џон во авторски текст насловен „Како Западен Балкан може да придонесе за европската одбрана“ објавен од „Карнеги Европа“.

Капацитетите за производство на оружје и муниција во функција на интегрирање на европските механизми

Западен Балкан е дом на околу 200 компании за производство на оружје, кои главно се наоѓаат во Србија и во Босна и Херцеговина. Тие имаат капацитет да произведуваат муниција компатибилна и со стандардите на НАТО и со спецификациите на поранешниот Варшавски пакт, можеби дури и поефикасно од поединечните компании во рамките на Европската Унија. На пример, заедничкото вложување од една милијарда евра помеѓу бугарската ВМЗ и германската „Рајнметал“ има годишна цел за производство на муниција што е само една петтина од проценетиот производствен капацитет на БиХ. Сепак, индустрискиот потенцијал честопати е попречен од политичката парализа и фрагментираното управување.
Гледајќи пошироко од самата муниција, се смета дека Западен Балкан треба да може да користи заеднички европски механизми, програми и финансиски инструменти за зајакнување на индустријата за производство на оружје. Таа листа ги вклучува Европскиот фонд за одбрана, долгорочните заеми во рамките на инструментот „Безбедносна акција за Европа“, како и Европската програма за одбранбена индустрија (ЕДИП). Регулативата EДИП, која сè уште не е конечно усвоена, предвидува грантови од околу една и пол милијарда евра за периодот од 2025 до 2027 година. Врските со Европската агенција за одбрана (ЕДА), која се занимава со истражување, развој на капацитети и индустриска соработка, исто така би можеле дополнително да се зајакнат.
Во 2014 година, Србија стана првата земја надвор од Европската Унија што воспостави формални работни односи со таа агенција. Албанија и Македонија потпишаа договори за безбедносно и одбранбено партнерство со ЕУ, кои експлицитно предвидуваат соработка со Европската агенција за одбрана (ЕДА).
Идеално, сите шест земји од Западен Балкан треба да станат членки на ЕДА, можеби без право на глас додека не влезат во Европската Унија. Меѓу земјите членки на ЕУ, вклучувајќи ги Франција, Италија и други, постои растечки интерес за продлабочување на воено-безбедносната соработка со земјите од Западен Балкан, особено во областа на инфраструктурата со двојна намена и одбранбената индустрија.

Поделбите во однос на НАТО како главна пречка

Секако, постојат и пречки. Една од нив е поделбата на регионот во однос на членството во НАТО, потенцијалните членки како Косово и Босна и Херцеговина и неутралната Србија. Додека Србија води мултилатерална надворешна и безбедносна политика, произведува свое оружје, но и продолжува да увезува воена опрема од Русија и Кина, соработката ќе се соочи со тешкотии. Транзицијата кон западните платформи, како што се француските авиони ловци „рафал“ – ќе потрае. Недостигот од доверба меѓу Србија и нејзините соседи ќе ја попречи соработката во областа на воено-наменската индустрија, како и заедничката борба против хибридните закани. Второспоменатите бараат многу посилни врски меѓу разузнавачките служби, полицијата и другите државни институции преку границите.
Уште посериозна пречка е ситуацијата во безбедносниот сектор низ целиот регион. Во неколку земји, примарната улога на војската, разузнавачките служби, полицијата и агенциите за спроведување на законот е да ја зачуваат моќта на владејачките структури и да ги заштитат клиентелистичките мрежи, наместо да му служат на јавниот интерес. И покрај одредени позитивни случувања, овие хронични проблеми продолжуваат да ја попречуваат ефикасната интеграција во механизмите на ЕУ и НАТО.
Последното прашање што вреди да се спомене е економијата. Тешко е да се привлечат стратешки меѓународни инвестиции во малите економии, освен ако не дејствуваат заедно. Западен Балкан сè уште не успеа да создаде приказна за успех во која голем европски, турски или американски производител би отворил фабрика во регионот. Тој недостиг би можел делумно да се компензира со домашната побарувачка, поврзана со модернизацијата на армијата.
Сепак, трошоците за одбрана сè уште се движат под два процента од БДП, што е далеку под целниот праг од три и пол проценти усвоен на самитот на НАТО во Хаг минатиот јуни.

Македонија може да има водечка улога во процесот на балканско здружување

Западен Балкан е на пат да стане нето-придонесувач кон европската безбедност, онака како што си замислува актуелен Брисел, но треба многу да се направи за да се постигне таа цел. Според одредени согледувања што одат на сметка на тој бриселски концепт, „владите треба да ги здружат силите во развојот на заеднички проекти, привлекување странски инвестиции во секторот за наменската индустрија и користење на зголемените средства за безбедност во рамките на Европската Унија“.
Дури во размислувањата на Димитар Бечев и Илиријана Џон во гореспоменатиот авторски текст „Како Западен Балкан може да придонесе за европската одбрана“ објавен од „Карнеги Европа“ се изнесува идејата дека „трите членки на НАТО – Албанија, Македонија и Црна Гора, треба да ја преземат водечката улога во тој процес“ (?!).
Таму се изнесува идејата дека овие три држави (Македонија, Албанија и Црна Гора) треба „да инвестираат во партнерства со членките на ЕУ со цел да ги модернизираат своите армии и безбедносни сектори и постепено да се интегрираат во новите воени иницијативи на Унијата“, се заклучува во анализата.
Но дали е тоа вистинскиот пат што би го оделе овие држави. Поплочен со добри евроинтегративни намери, тој пат на милитаризам и вооружување води во насока на ескалација на воените судири. Дали навистина кандидатите за ЕУ од Западен Балкан го сакаат тоа?