Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља изјави дека очекува од денеска Србија да го укине издавањето времени документи за косовските граѓани кои влегуваат во Србија, согласно последниот договор меѓу двете држави, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во синоќешното интервју за косовската државна телевизија, РТК, Свечља рече дека доколку српските власти од синоќа на полноќ не го почитуваат договорот, тогаш и Косово ќе почне да издава влезно-излезни документи за граѓаните од Србија кои ќе је преминуваат меѓудржавната граница.
– Постои само една опција, а нормално дека ќе има реакција од наша страна доколку таа опција не профункционира. Значи, укинувањето на документите за влез-излез (за косовските државјани при влез во во Србија), според информациите што ги имаме, ќе започне на полноќ (на 31 август). Доколку тоа не се примени, нормално дека сме подготвени да воведеме влезно-излезни документи за српските државјани кои влегуваат во Косово – изјави Свечља.
Од денеска, 1 септември, теба да стапи во сила одлуката на Владата во Приштина за реципроцитет кон Србија во однос на патните документи.
Србија и Косово го решија прашањето на слободно движење на граѓаните преку границите, како што истакна вчера шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, но допрва мораат да го решат горливото прашање за регистарските таблички на автомобилите.
Тоа е жестоко оспорувана тема што неодамна доведе до тензии кога Србите од Косово се побунија бидејќи од нив ќе се бара да користат косовски регистерски таблички, како и специјални документи за влез на Косово преку Србија. Незадоволните Срби излегоа на протести и поставија барикади, со што почнаа да се шират шпекулации за судири со косовската полиција.
Досегашните разговори помеѓу косовските и српските власти, во кои учествуваа и претставниците на ЕУ и на САД, Мирослав Лајчак, односно Габриел Ескобар, не дадоа резултати околу регистарските таблички. Косовската влада под притисок од САД претходно ја одложи примената на одлуката за нивно воведување од 1 август на 1 септември.
– Косово сака да постигне рамноправност во пограничниот сообраќај со Србија. Тоа секогаш доведува до тешки несогласувања – наведува „Дојче веле“.
Со посредство на Лајчак и Ескобар властите во Косово и Србија се договорија целосно да ги укинат дополнителните процедури за премин на граѓаните од двете страни. Тоа значи дека од синоќа на полноќ не треба да се издаваат дополнителни времени патни документи, како што тоа досега, во изминатите 11 години, беше пракса од српска страна и како што сакаше да го воведе како реципроцитет косовската страна.