Бугарскиот парламент експресно усвои нова резолуција во врска со интеграцискиот „напредок“ на Македонија кон ЕУ
Бугарија
Бугарскиот парламент усвои резолуција во врска со напредокот на Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија. Резолуцијата беше едногласно поддржана со 194 гласа „за“. Резолуцијата беше поднесена од пратеникот Тошко Јорданов (ИТН), плус поддржана од група пратеници. Според извори што имале увид во резолуцијата, внатре во документот се нагласува дека „се неприфатливи какви било обиди во рамките на форматите и институциите на ЕУ за повторно преговарање, заобиколување или игнорирање елементи од веќе постигнатите договори“. Во резолуцијата, исто така, се образложува зошто веќе прифатената и потпишана преговарачка рамка и протоколите не се билатерално прашање. Имено, во резолуцијата се вели дека заемно прифатените документи се „договор меѓу земјата кандидат за членство во ЕУ, од една страна, и Унијата како целина, од друга страна, и затоа не претставува билатерално прашање“! Притоа, се додава дека „заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година (за преговарачката рамка и заедничките протоколи меѓу Бугарија и Република С. Македонија) се основата за спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, потпишан на 1 август 2017 година“.
Понатаму, во резолуцијата усвоена од бугарското собрание, се повикуваат институциите на ЕУ да продолжат со напорите за „гарантирање на правата на Бугарите во Република С. Македонија, како и на другите заедници, вклучително и нивното право да го зачуваат и развиваат своето културно и историско наследство, јазик, сеќавање на предците и идентитет, и да усвојат инклузивен пристап кон чувствителните прашања на националниот идентитет во мултиетничкото општество на Р.С. Македонија“.
Исто така, во резолуцијата се повикуваат меѓународните организации „строго да го следат спроведувањето на највисоките стандарди во областа на заштитата на човековите права во Република С. Македонија, да реагираат и да преземат соодветни мерки во случаи на насилство, дискриминација, говор на омраза, институционален притисок или други форми на репресија против Бугарите или претставници на други заедници“. Во резолуцијата се бара Македонија „да развие и да презентира акциски план за заштита на правата на лицата што припаѓаат на малцинства или заедници, кој ќе го придружува патоказот за владеење на правото, при што имплементацијата на овој план ќе се следи во текот на целиот процес на пристапување во ЕУ. Тој план треба да содржи јасни, мерливи и ефикасни мерки за заштита на човековите права на ранливите групи во општеството на Р.С. Македонија“.
Исклучително индикативно е што во резолуцијата се предлага истиот документ да се достави до Советот на ЕУ, Европскиот парламент, Европската комисија, како и до Советот на Европа. Имено, ова се прави исклучително брзо, затоа што Софија сака формално-правно да изреагира во ЕУ, поточно во Европскиот парламент (ЕП), кој е пред усвојување резолуции за извештаите на Европската комисија за напредокот на земјите кандидатки за членство во ЕУ, односно и пред изгласувањето извештај во Европскиот парламент (ЕП) во кој ќе се признае засебноста на македонскиот идентитет и јазик.
Истражување во Бугарија во врска со воведување на еврото како валута
Секој втор граѓанин е против влегување на Бугарија во еврозоната
Секој втор анкетиран бугарски граѓанин е против воведување на еврото, се вели во најновото истражување на „Евробарометар“. Според анкетата, 50 проценти од Бугарите се против воведување на еврото, додека 43 проценти го поддржуваат овој чекор.
Резултатот ја става Бугарија меѓу петте земји од Европската Унија каде што мнозинството граѓани се против приклучувањето кон еврозоната. Во оваа група спаѓаат и Шведска – со 55 проценти од населението, Полска – со 59 проценти, Чешка – со 63 проценти и Данска – со 65 проценти.
Бугарските економисти во моментов се поделени околу тоа дали нивната земја е подготвена да ѝ се приклучи на еврозоната на почетокот на 2026 година, додека банкарскиот сектор изјави дека е добро подготвен за овој чекор. Во својата порака, тие нагласуваат дека банкарскиот сектор во земјата веќе е длабоко интегриран со еврозоната, отворајќи го патот за непречена транзиција.
Покрај тоа, ниското ниво на јавен долг на Бугарија се издвојува како клучен позитивен фактор, со сооднос на јавниот долг со БДП од 24,1 проценти на крајот од годината, што е далеку под просекот на ЕУ од 81 процент.
Буџетскиот дефицит на Бугарија останува во рамките на прагот од три проценти, а економијата забележа солиден раст од 3,1 проценти во првиот квартал од 2025 година.
Р.С.