Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека Србија е единствената земја во Европа која не вовела никакви рестриктивни мерки против Руската Федерација и дека тоа „без никаква сомнеж“ и создава многу проблеми, информира МИА.
-Дали таквиот став ни носи проблеми? Нема сомнеж, многу проблеми, од финансиски инвеститори до многу други. Нема сомнеж дека плаќаме многу висока цена-изјави Вучиќ на прес-конференција во Белград.
Осврнувајќи се на нацрт-резолуцијата на Европскиот парламент со која новоизбраните власти во Србија се повикуваат да воведат санкции кон Русија, Вучиќ кажа:
-Ние нив многу ги почитуваме, страшно ни се важни, но не се лутете, многу поважни ни се граѓаните на Србија и српскиот парламент-кажа тој.
Доколку биде усвоена резолуцијата на Европскиот парламент, претседателот на Србија, одговарајќи на прашање на новинарите изјави дека ќе ја земе на знаење, но дека ќе се раководи со интересите на Србија.
-Да воведовме санкции кон Руската Федерација, ќе бевме најдобрата демократија во светот, ќе скокневме за 713 места, иако нема толку многу земји во светот. Истиот ден кога ќе го направиме тоа, ќе има вонреден извештај за Фридом Хаус и за сè останато-посочи Вучиќ.
Тој додаде дека извештајот на Фридом Хаус е „една од алките во синџирот на притисок врз слободните и суштински демократските земји“.