Раководителот на секторот за вонредни ситуации, Лука Чаушиќ, денеска на седницата на Републичкиот штаб за вонредни ситуации во Србија, изјави дека во десет локални самоуправи е прогласена вонредна состојба главно поради проблеми во снабдувањето со електрична енергија предизвикано од интензивните снежни врнежи. Тој нагласи дека е важно што немало човечки жртви како резултат на временските непогоди.
Чаушиќ додаде дека во Пријепоље е прогласена вонредна состојба поради ситуацијата на реката Лим.
Вонредна состојба е прогласена во локалните самоуправи: Лучани, Лозница, Ваљево, Осечина, Мали Зворник, Крупањ, Пријепоље, Мајданпек, Сјеница и Ивањица.
– Министерството за внатрешни работи – Сектор за вонредни ситуации континуирано ја следи ситуацијата на терен и нема да го намали нивото на подготвеност на своите сили и ќе биде присутно во сите области каде што е потребно – истакна Чаушиќ.
Тој посочи дека во последните денови се евакуирани и спасени 38 лица во Ужице, Панчево, Пожега, Љубовија, Лозница, Бор, Врање, Нови Пазар, Сврљиг, Дољевац.
Исто така, тој рече дека во периодот од 4 до 12 јануари се евидентирани 102 интервенции поради последиците од снежните врнежи. Како што наведе, ангажирани се 226 пожарникари-спасувачи со 104 возила, 23 пумпи и три чамци.



































