Фото: Пекселс

Во Србија денеска попладне почнуваат преговорите меѓу просветните работници и владата и доколку не се исполнат барањата, вработените во образованието најавуваат целосен прекин на работата.

Српскиот премиер Милош Вучевиќ ќе се сретне со претставници на синдикатот денеска, а средбата, како што е најавено, ќе започне во 13 часот во зградата на Владата на Србија, јавија српските медиуми.

Главното барање на просветните работници, за кое се дебатира, е Владата да ја исполни обврската од протоколот што го потпиша со синдикатите во 2023 година – почетната плата на наставниците со седми степен на стручно образование да биде еднаква на просечната национална плата.

Во владиниот тим за разговори со вработените во образованието се министерот за финансии Синиша Мали и министерката за образование Славица Ѓукиќ Дејановиќ.

Претседателот на Синдикатот на наставниците од Војводина, Милан Трбовиќ, за ТВ Н1 изјави дека доколку преговорите со српската влада се само уште една „измама“ на наставниците, тие не треба да одат во понатамошни преговори, туку наместо тоа да стапат во генерален штрајк.

„Ја прекинавме наставата на четири дена, 16 септември, 2 октомври, 1 ноември и 20 декември“, рече Трбовиќ. „Ние ги претставивме нашите барања и очекуваме тие да бидат целосно почитувани од српската влада“.