Хрватска

Откако хрватската влада даде одобрение, американскиот носач на авиони „Хари С.Труман“ влезе во хрватските води. Тој е со фрегатата на кралската норвешка морнарица и се закотви во Сплит, соопшти американската амбасада.
„Тоа е возбудлива можност за екипажот на двата брода да ги запознаат жителите на Хрватска и да ја искусат нејзината историја и живописниот пејзаж.
Неодамна, учествувавме во вежбата ’Нептун страјк 22‘ со нашиот сојузник Хрватска, во рамките на Северноатлантската алијанса, и со нетрпение очекуваме да поминеме време на брегот со нашите домаќини“, рече контраадмиралот Курт Реншов, командант на Осмата ударна група.
Посетата на пристаништето ќе биде и можност за морнарите да го искусат она што Хрватска го нуди и да ги зајакнат односите со хрватските граѓани, посочуваат од амбасадата. Имено, екипажот во Сплит ќе учествува во хуманитарната акција во детскиот дом „Маестрал“, а ќе има и организирани туристички тури.
„Оваа посета на пристаништето во Сплит ќе биде клучна за да ја покажеме нашата решителност со американските партнери и сојузници во Јадранот“, рече капетанот Гевин Даф, командант на носачот на авиони „Хари С. Труман“.
Американскиот носач на авиони „Хари С. Труман“ веќе беше закотвен во близината на Сплит во 2015 година. Во функција е од 1996 година и е еден од носачите на авиони на нуклеарен погон од класата „нимиц“, најголемите носачи на авиони во светот, со големина на три фудбалски стадиони. Долг е над 300 метри и широк над 40 метри, со провев од 12 метри. Се напојува со два нуклеарни реактори, кои овозможуваат брзина од над 30 јазли. Може да плови три милиони милји без полнење, скоро 25 години.