Косовската полиција претпладнево запленила 272 апарати за ископување на криптовалути во село во близина на Лепосавиќ, област на северот од земјата населена со српско население, јави дописникот на МИА од Приштина.
Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља преку својата страница на „Фејсбук“ информира дека во акцијата, која поминала без инциденти, е уапсено едно лице.
Свечља најави дека таквите акции ќе продолжат и во иднина, до целосното спроведување на одлуката на косовското Собрание и Влада за забрана на ископување криптовалути.
– Утрово, на барање на Царината, Полицијата на Косово организира акција за откривање и запленување апарати за ископување криптовалути. Во оваа акција во близина на селото Требица во општина Лепосавиќ беа запленети 272 такви апарати и е уапсено едно лице. Целата акција се изведе и се заврши без инциденти. Ваквите акции ќе продолжат до целосното спроведување на одлуката на републичкото Собрание и Влада, напиша Свечља на „Фејсбук“.
Пред два дена пак косовската полиција запленила 70 апарати за ископување криптовалути во јужниот дел на Митровица и во Подујево.
Косовската Влада во вторникот, на 4 јануари, објави дека надлежните институции ќе се ангажираат за запирање на производството на криптовалути, со оглед дека апаратите наменети за тоа предизвикуваат висока потрошувачка на електрична енергија, додека земјата се наоѓа во енергетска криза.
Медиумите во Приштина информираат дека нелегалното производство на криптовалути е посебно распространето во северно Косово, каде што голем дел од локалното српско население со години не ги плаќа сметките за струја. Реакции во јавноста предизвика и одлуката на Владата на Албин Курти, од мај минатата година, да го подмири долгот на граѓаните од тој дел на земјата кон операторот на електрична енергија, со околу 11 милиони евра од буџетот