Нигериската измама започнува кога наводни адвокати од далечни земји се обраќаат на жртвата, божем да го поделат „енормното богатство“, а всушност да му ги извлечат личните податоци и банкарската сметка / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во моментов низ целиот регион веќе подолго време е присутна таканаречената „нигериска измама“, во која корисниците на социјални мрежи на своите имејл-адреси добиваат разни пораки во кои им се нудат огромни суми пари. Крајната цел, секако, е да се измамат лековерните корисници, кои на испраќачите на таквите пораки ќе им ги дадат личните податоци и банкарски сметки, по што криминалците ќе можат на многу лесен начин да пристапат до нивните пари. Граѓаните на Србија минатата година имаа сериозни проблеми со шемата „кенгурско богатство“, од која многумина осиромашија. Овие измами стануваат достапни и кај нас, па затоа експертите повикуваат на поголема будност и внимателност

БАЛКАНСКИ ИЗМАМИ НА АФРИКАНСКИ НАЧИН

Интернетот е еден од најдостапните простори за разни криминални активности, со кои се соочува секој од нас во својата секојдневна активност со самото седнување пред компјутер. На нишан се пред сѐ корисниците на социјалните мрежи, односно некои од нив што ќе наседнат на разните атрактивни понуди што ги нудат криминалците. Крајната цел секогаш е иста. Да се пристапи до што поголем број измамени што ќе ги дадат своите лични информации за банкарски сметки или, пак, ќе платат за одредена услуга или производ што никогаш нема ниту да го добијат.

Се испраќаат разни атрактивни понуди, со скриени стапици за наивните

На интернет веќе подолго време е актуелна таканаречената „нигериска измама“, која е особено присутна во соседна Србија, но и во нашата земја, како и во другите земји од регионот, па затоа малку повеќе внимание и поодговорно однесување не е одвишно.
Во оваа за многумина добро позната шема, според веќе испробан рецепт, на корисниците на социјални мрежи и имателите на имејл-адреси им се испраќаат разни пораки во кои им се нудат огромни суми пари. Крајната цел, секако, е да се измамат лековерните корисници, кои на испраќачите на таквите пораки ќе им ги дадат личните податоци и банкарски сметки, по што криминалците ќе можат на многу лесен начин да пристапат до нивните пари.
Такви пораки добиваат сѐ поголем број граѓани, а содржината на сите горе-долу е иста. Најчесто криминалците се „адвокати“ од далечни и странски земји, кои имале клиент со енормно богатство, а кој во несреќни околности заедно со своето семејство починал, па нема наследник.
– Направив големи обиди да пронајдам роднини на мојот клиент преку конзулатите, меѓутоа сите напори се покажаа како неуспешни, па одлучив да го напишам презимето на мојот клиент и ве пронајдов вас. Би сакал да ве претставам како близок роднина на мојот починат клиент. Во целата постапка ќе ве застапувам како ваш адвокат, за да се осигурам дека приходите од оваа сума од речиси 19 милиони долари ќе бидат префрлени на вашата сметка. Потоа ќе дојдам во вашата земја за да ги поделиме парите, 45 проценти за вас, исто толку за мене, а преостанатите десет проценти ќе ги донираме на домовите за деца без родители. Потребна ми е вашата искрена соработка за да ја завршиме оваа работа. Гарантирам дека сѐ ќе биде реализирано легално и ќе бидете заштитени од секакво прекршување на законот. Од вас ми се потребни име и презиме, адреса, возраст, занимање и телефонски број на кој ќе комуницираме – се вели во пораката испратена до голем дел од корисниците.
Вакви пораки речиси постојано им пристигнуваат и на корисниците на социјалните мрежи во Македонија. Оние што ќе наседнат, во понатамошната комуникација ги даваат податоците за сметките.
Вообичаено, на Фејсбук, некои граѓани се шегуваат со добиените пораки, па ги објавуваат со иронични коментари како „збогум, сиромаштијо“, алудирајќи на тоа дека се запознаени со измамничките обиди на криминалците.
Според сајбер-експертите, ваквите случаи не можат да се разоткријат. Оние што наседнале, самите ги дале сите лични информации, па дури и банкарските сметки, а криминалците работат од сосема други земји, од каде што само си ги преземаат парите и продолжуваат со измамничката шема.

Луѓето паѓаат и на измамата за „кенгурското богатство“

Покрај нигериската, која во помала или поголема мера се случува речиси насекаде низ светот, регионот во текот на минатиот месец беше погоден од уште една голема измамничка шема на интернет. Според досегашните достапни сознанија, оваа нова измама е многу поубедлива и поуспешна во намерата да се украде што повеќе.
Првите информации за неа дојдоа од српските власти, кои алармираа за онлајн платформата наречена „Кенгурско богатство“, која од април минатата година редовно била регистрирана во Централниот регистар, а на трети октомври мистериозно исчезнала од интернет-просторот.
Компанијата што стоела зад оваа измама дури отворила и сметка во српската Рајфајзен банка, на која луѓето ги уплаќале парите. Преку групите на Телеграм и социјалните мрежи тие регрутирале нови членови на кои им ветувале сигурна заработка, поткрепувајќи го тоа така што потпишале договор со споменатата банка на три години. Луѓето масовно инвестирале пари на динарски сметки на таа компанија.
На трети октомври, компанијата исчезнува. Престанале да исплаќаат, но затоа избегале со милиони српски динари.
Како што беше објаснето од страна на тамошните власти, платформата „Кенгурско богатство“ е дизајнирана така што луѓето ги вложуваат своите пари, кои наводно ќе ги зголемат „од фотелја“ со кликнување, извршување едноставни секојдневни задачи и градење тим, што се покажа како голема лага.
– Луѓето се очајни затоа што зеле кредити и инвестирале во измами. Стотици пријави се испратени на е-поштата за високотехнолошки криминал, но не е добиен одговор. Целта на сите нас што сме измамени е ова да го објавиме јавно за луѓето повеќе да не инвестираат во измами, бидејќи на пазарот има повеќе нови платформи регистрирани во Србија и никој нема да нѐ слушне. Имаме над 100.000 излажани. Имаме многу докази – се наведува во групната реакција на измамени граѓани од Србија.
Слични вакви понуди за работа има и во земјава. Атрактивни огласи за работа измамуваат стотици граѓани да аплицираат, при што им се бара уплата од максимум две илјади денари заради административни трошоци. Секако, резултатот е најчесто ист – измамени граѓани што парите никогаш не ги добиваат назад, ниту пак ја наоѓаат работата од своите соништа.
Затоа, надлежните служби, но и компјутерските експерти, постојано апелираат на крајна внимателност при комуникацијата на интернет, особено при споделувањето на личните податоци. Секоја грешка, невнимание или лековерност може скапо да нѐ чини.

[email protected]


„Нигериската измама“ има долга историја

„Нигериската измама“ е добропозната на Балканот и е еден од најчестите методи што ги користат измамниците, а вклучува користење компјутер за испраќање електронска порака што е дизајнирана да изгледа како да е испратена до примачот на пораката, убедувајќи го дека токму него го барале долго време и дека ќе добие големи суми пари.
Во Србија, според податоците на Обвинителството за високотехнолошки криминал, првиот случај на таканаречената „нигериска измама“ бил евидентиран, односно пријавен, уште во 2009 година, кога едно лице изгубило 2.500 долари.
„Нигериската измама“ го добила своето име затоа што се појавила во Нигерија во раните 1980-ти, кога неколку студенти од тамошниот нигериски универзитет го користеле овој метод за да ги доведат во заблуда бизнисмените од Запад што биле заинтересирани за „мистериозен“ бизнис во Нигерија, кој ќе им донесе пари прекуноќ. Најчесто тука се користеле измами поврзани со нигерискиот нафтен сектор.
Така, веќе во почетокот на 21 век, оваа интернет-измама, позната и како „измама 419“, стана популарна во Африка, Азија и Источна Европа, а подоцна се прошири и во Северна Америка, Велика Британија и Австралија.