Во Албанија се идентификувани 20 жаришта кои ќе се следат како жаришта со висок ризик за насилен екстремизам и тероризам, објави Топ чанел.
– Проценката беше неколкугодишен процес што следеше по војната во Сирија и регрутирањето на неколку десетици борци, како и 145 семејства, вклучувајќи жени и деца. Повеќето од нив се уште не се вратени и се во кампот Ал Хол – вели Ирис Луараси, која раководи со советувалиштето во Ѓирокастро, за девојки и жени повратници од боиштата.
Додава дека ситуацијата диктира мерки и зголемено внимание за спречување на радикализмот, затоа граѓанското општество и експертите кои биле вклучени во управувањето со ситуацијата побарале јасни институционални одговорности на целата територија на земјата.
– Поради оваа причина, во сите околии веќе се формирани регионални комитети против тероризмот и насилниот екстремизам. Во Ѓирокастро оваа структура ќе следи широка територија како и сомнителни активности поврзани со овој феномен – рекла Луараси.
Таа ја објаснува и улогата на верските заедници во овој процес.
Често, според неа, манипулациите со религиозен карактер овозможувале регрутирање на сиромашни и обесправени луѓе од општеството, но во секој случај, екстремизмот не се појавил само поради религиозна природа.
Во Сирија и Ирак на страната на ИД биле вклучени над 300 албански државјани, некои со цели семејства, а убиени се над 80 од нив.