Фото: „Нова Македонија“

Грција

Вчера пишувавме за новите законски прописи во Србија во однос на сообраќајот, а денеска ви ги претставуваме новите казни во Грција. Пред почетокот на сезоната на годишни одмори, добро е да се знае што може да ги очекува возачите, за да не се соочат со непријатни ситуации.
Имено, Грција воведува построги казни за сообраќајните правила. Новиот нацрт-закон за сообраќајот на патиштата (во Грција) носи ригорозни мерки за возење под дејство на алкохол, но и за неправилно паркирање. Нацрт-законот веќе е поднесен во парламентот на Грција, а неговото усвојување се очекува во наредниот кус период. Според новиот Закон за сообраќај (КОК), возачите што ќе бидат затекнати со одредено ниво на алкохол во себе, се соочуваат со високи парични казни, привремено одземање на дозволата, па дури и затвор. Мерките се применуваат во зависност од количеството алкохол во крвта или во издишаниот воздух.
Прво ниво: 0,50–0,80 г/л во крвта – казна 150 евра и одземање на дозволата на 20 дена.
Второ ниво: 0,80–1,10 г/л – казна 700 евра и одземање на дозволата на 90 дена.
Трето ниво: над 1,10 г/л – казна 1.200 евра, затвор минимум два месеца, забрана за возење 180 дена, одземање на табличките од 10 дена до шест месеци и задолжително одземање на возилото.
За повторен прекршок во рок од една година, возачот добива казна од 1.000 евра и забрана за возење до 180 дена, додека во случај на BAC над 1,10 г/л казната расте на 2.000 евра и забрана до две години. Ако возачот го повтори прекршокот третпат во рок од пет години, возачката дозвола се одзема на седум години.

Паркинг-казни и казни за брзо возење

Особено строги мерки се воведуваат за оние што паркираат возила така што го блокираат шинскиот сообраќај. Ако возилото го оневозможи минувањето на трамвај (или воз), предвидена е затворска казна од една до пет години, со образложение дека таквото однесување директно ги загрозува животите на луѓето. Во Атина, блокирањето трамвај сега носи двојно поголема казна – 150 евра наместо досегашните 75, со дополнително одземање на дозволата на 60 дена. Казните се зголемуваат и за паркирање на тротоари, во кружни текови и пешачки зони – од 100 на 350 евра, со забрана за возење на 70 дена.
Брзината на минување покрај училишта и градинки се намалува од 30 на 20 км/ч. Во мали улици дозволената брзина ќе биде 30 км/ч, во градски возење 50 км/ч, додека на автопатиштата лимитот се зголемува на 140 км/ч. Употребата на заштитна кацига е задолжителна за сите корисници на мотори, велосипеди и електрични тротинети. Ќе се спроведуваат и построги контроли за користење мобилен телефон при возење, како и за минување на црвено светло.
Новиот закон стапува во сила по неговото усвојување во парламентот, а на возачите им се препорачува максимална претпазливост и почитување на прописите. Р.С.