Бугарија
Пациенти со ретки и онколошки заболувања ги тужат Министерството за здравство на Бугарија и Националниот фонд за здравствено осигурување (НЗИФ) за дискриминација. Тие имаат цел да предизвикаат „револуција“, која би можела да обезбеди еднаков пристап до виталните лекови за сите граѓани, пренесува „Еурактив“.
Бугарското законодавство, кое го регулира плаќањето медицински услуги, го ограничува обезбедувањето бесплатни терапии со лекови, медицинска храна и помагала за луѓе што наполниле 18 години. Според бугарскиот закон, сите бугарски државјани до 18 години имаат право на медицинска нега, дури и надвор од опсегот на задолжителното здравствено осигурување. По 18 години, грижата на државата за некои луѓе со ретки болести на кои им е потребна најголема помош едноставно престанува.
– Се надевам дека направивме преседан. Да ги поттикнеме здравствените институции да ја реформираат легислативата за да не создава дискриминација – изјави за „Еурактив“ д-р Антоанета Тончева, членка на здружението „Мостови“.
Таа вели оти не може да прифати дека во Бугарија умираат луѓе бидејќи здравствениот систем избира да ги игнорира.
– Пријателите и роднините собираат пари, продаваат вредни предмети, автомобили, имот. Ова е лудо. Не можеме да продолжиме да ги спасуваме луѓето со кампањи за донации. Ако можеме да го промениме законодавството, тоа ќе биде вистинска револуција – вели д-р Тончева.
Проблемот им е познат на здравствените власти и на владата со години, а до институциите постојано се поднесуваат поплаки и од невладините организации на засегнатите и од разни лекари. Сепак, проблемот опстојува, наведува „Еурактив“.
– Во Бугарија постои дискриминација и врз основа на болеста (ретка или честа дијагноза) и возраста. На лицата над 18 години, дури и ако страдаат од ретка болест и имаат влошена здравствена состојба што бара медицинска храна, не им се дозволува пристап до најдобра здравствена заштита – велат од здружението „Мостови“.
Министерството за здравство на Бугарија упати тврдење до Комисијата за заштита од дискриминација дека пристапот до терапии не е проблем и дека државата ги издвојува потребните средства за лекување на сите пациенти без дискриминација. Р.С.