Според сегашното ниво на задолженост, Србија е во европскиот просек, но проблемот е што плаќа повисоки камати за својот јавен долг. Поради актуелните движења на меѓународните финансиски пазари, идните задолжувања може да се прават по каматни стапки од шест до седум отсто

Србија

Јавниот долг на Србија, според предвидувањата за буџетот за 2024 година, ќе биде намален во однос на бруто-домашниот производ на 51,7 отсто, од 53,3 отсто, колку што се очекува да изнесува до крајот на годината. Тоа нема да влијае на намалување на долгот во апсолутен износ, туку само ќе се намали неговото учество во БДП, што е случај и со речиси сите земји во Европа, посочуваат од Фискалниот совет во Србија.
Благодарение на високата инфлација, која во изминатите три години се движи од 16 отсто во 2021-2022 година до 13 отсто за годинава, номиналниот БДП забележа исклучиво висок раст. Во 2021 и 2022 година учеството на јавниот долг во БДП во Србија е намален за 2,2 процентни поена. Задолженоста во Европската Унија мерена на овој начин е намалена во просек за осум процентни поени. Најголемо намалување на задолженоста имало во земјите што имале и најголем јавен долг. Во Грција јавниот долг во однос на БДП е намален за 35 процентни поени за овој период. Просекот на намалување на јавниот долг според учеството во БДП во земјите од Централна и Источна Европа изнесувал 4,3 отсто, пренесува „Данас“.
– Србија, која има поголем јавен долг од просекот на земјите во ЦИЕ, двапати помалку ја намалила задолженоста. Во изминатиот период имаше можност за значително намалување на јавниот долг на државата. Наедно, дефицитот предвиден за 2024 година на ниво од 2,2 отсто може дополнително да се намали за да се намали и инфлацијата во земјата – пишува во анализата на Фискалниот совет.
Според сегашното ниво на задолженост, Србија е во европскиот просек, но проблемот е што плаќа повисоки камати за својот јавен долг. Минатата година Србија просечно плаќала каматна стапка од три отсто, а просекот на земјите од ЦИЕ изнесува околу 2,2 отсто. Повисока каматна стапка плаќале само Чешка, Италија, Полска и Унгарија, посочуваат од Фискалниот совет.

Речиси една петтина од јавниот долг Србија ќе треба да го исфинансира во 2024 година, по неповолни услови поради растот на каматните стапки на среден рок. За старите долгови просечната камата изнесуваше околу три отсто, но поради актуелните движења на меѓународните финансиски пазари, идните задолжувања може да се прават по каматни стапки од шест до седум отсто. Предвидено е Србија следната година да се задолжи за околу 6,5 милијарди евра, од нив 1,7 милијарда се предвидени за финансирање на дефицитот и 1,8 милијарда за враќање на достасани долгови. Во буџетот за следната година се планира да се отплатат долгови за 183,6 милијарди динари или повеќе од 1,5 милијарда евра. Тоа е приближно на износот за субвенции за идната година што се наменети за земјоделството, за железницата и за привлекување инвестиции.
Заклучно со септември, јавниот долг на Србија изнесуваше 35,2 милијарди евра или 50,9 отсто од БДП, според последните податоци на Министерството за финансии.