Хрватска
Ангел Митревски, соработник
на „Нова Македонија“ од Сплит, Хрватска
Хрватска повторно ќе воведе служење на редовниот воен за младата полнолетна популација. Планот ќе се операционализира од 1 јануари 2025 година. За ова постои и политичка волја, а претстои и политичка одлука. Во меѓувреме, по успешните внатреполитички консултации, Министерството за одбрана (МО) на Хрватска се зафати да ги сработи измените на Законот за одбрана и на Законот за служба во вооружените сили, како и на придружните прописи, кои ќе бидат основа за отпочнување на приемот на првата група регрути, кои ќе треба да служат задолжителен воен рок.
Процедурата нема да почне одново бидејќи Хрватска во целост не го укина воениот рок
Хрватска всушност не го укина целосно воениот рок, туку само го замрзна во 2008 година. Токму затоа, процедурата нема да почне одново, бидејќи веќе постои законска регулатива, но и практика според која се одвиваше обука до пред 16 години. Само ќе треба да се приспособи на новите барања и околности.
Сѐ уште не е одлучено дали воениот рок ќе трае два или три месеци. Доколку се примени првата варијанта, тогаш регрутите би добиле само основна пешадиска обука, а доколку воениот рок би траел три месеци, тогаш во текот на третиот месец регрутите би биле испратени на некоја форма на специјалистичка обука во армијата, воздухопловството и воздушната одбрана или во морнарицата. Според досегашните информации, обуката на регрутите ќе се одвива во три касарни, и тоа во Пожега, Сињ и во Книн. Министерството за одбрана проценува дека во првата година, односно во 2025 година, задолжителна обука ќе поминат меѓу 4.000 и 4.500 регрути, на четири или пет повици на секои неколку месеци.
Отслужувањето на воениот рок ќе нуди низа перспективи и бенефиции за младите
По завршувањето на воениот рок, обучените регрути ќе можат да изберат дали да се вратат во цивилниот живот и да продолжат да ги вршат своите вообичаени дејности, да бидат дел од воената резерва или, пак, да останат во вооружените сили и да продолжат со професионална кариера во неа.
Во моментов во Хрватска има доброволен воен рок. Оние што ќе го отслужат имаат право на паричен надомест од 900 евра месечно. Извори од Министерството за одбрана на Хрватска тврдат и дека надомест ќе добијат и оние што ќе отслужат задолжителен воен рок, но тој најверојатно ќе биде нешто помал.
Што се однесува до регрутите што ќе бидат повикани, а кои поради одредени причини (на пр. верски убедувања) нема да можат да ја следат обуката според предвидените воени стандарди и правила на воената служба (на пример, употреба на огнено оружје и слично), тие ќе мора да служат цивилен воен рок. Според извори во Министерството за одбрана, времетраењето на воениот рок ќе биде подолг, „можеби двојно повеќе“.
Министерството за одбрана ќе ги координира нивните должности и обврски со цивилната заштита, единиците на локалната самоуправа и системот за социјална заштита. Преку системот за цивилна заштита ќе добијат обука за справување со природни катастрофи како пожари или поплави или ќе ги научат основите на прва помош.