Фото: Маја Јаневска-Илиева

Хрватска

Хрватска ќе мора да продолжи со процесот на увезување работници од странство поради низа причини. Покрај клучната причина, како што е отселувањето на младите, па и падот на наталитетот, тука е сѐ повеќе растечкиот тренд на стареење на населението.

Хрватска е европски шампион во увозот на работна сила во 2023 година

Најстарото население во Централна и Источна Европа, според актуелните податоци на Евростат, е концентрирано во поранешна Југославија, особено во Хрватска со просечна возраст од 45,4 години (слично како и во Словенија и Србија, секоја со 45,2 години). Во Европската Унија, овој процент е значително помал и изнесува 34 проценти.
Според порталот „Пословни“, Хрватска стана европски шампион во увозот на работна сила во 2023 година, а очигледно е дека овој тренд ќе продолжи и во наредните години.
Цитирајќи информации од официјална статистика, „Танјуг“ пишува дека „95 проценти од сите дозволи за престој во Хрватска се наменети за странски работници“, што зборува и за економски раст и за исклучителна приспособливост на хрватскиот пазар на трудот, но исто така создава нови структурни и политички предизвици.

Интересна анкета во Хрватска направена меѓу странските работници

Анкета спроведена на примерок од 400 странски работници во Хрватска, особено од Филипините, Непал и од Индија, покажа дека 22 проценти од анкетираните работат во транспортот, 19 проценти во угостителството и 17 проценти во градежништвото.
Тие ги наведуваат економските причини како главна причина за доаѓање во Хрватска, а речиси 90 учесници во анкетата изјавиле дека финансиски го издржуваат своето семејство.
Според анкетата, 32 проценти од анкетираните планираат да останат во Хрватска до пет години, 23 проценти сакаат да останат меѓу шест и десет години, 20 проценти до пензионирање и 19 проценти до крајот на животот.
Странските работници се најзадоволни од своето здравје, најмалку се задоволни од својот животен стандард, а и покрај пречките со кои се соочиле, 34 проценти од работниците веруваат дека квалитетот на нивниот живот значително се подобрил по пристигнувањето во Хрватска, покажува истражувањето.

Ангел Митревски, наш дописник од Хрватска