protesti Tirana
Фото: ЕПА

Поради насилното однесување на опозицискиот протест што се одржа синоќа во Тирана, полицијата приведе 46 лица. Демонстрациите траеја околу четири часа пред зградите на Владата и Парламентот, каде што дојде до жестоки судири меѓу полицијата и учесниците, пренесе МИА.

Инцидентите започнале веднаш по говорот на лидерот на Демократската партија, Сали Бериша, кога дел од демонстрантите почнаа да фрлаат молотови коктели и пиротехнички средства кон Владата. Насилствата продолжија пред Парламентот, каде што беа запалени контејнери за отпад и демонстрантите покажаа уште поголема агресија кон полицијата.

За справување со нередите биле ангажирани специјални полициски единици, кои употребија водени топови и солзавец.

Министерката за внатрешни работи, Албана Коџиу, преку социјалните мрежи го осуди „вандализмот“ на демонстрантите, нагласувајќи дека нападите врз полицијата претставуваат кривично дело.

Иако протестот не бил одобрен, полицијата ангажирала над 1.600 службеници, вклучувајќи припадници на специјалните единици и Националната гарда, имајќи ги предвид претходните протести кои исто така предизвикаа хаос во главниот град.

Од протестот, Бериша му порачал на премиерот Еди Рама дека „деновите му се избројани“.