Рано утрово во Лепосавиќ, Косово, е уапсен уште еден Србин, У.В., откако ја напуштил својата куќа, јавуваат српските медиуми.
Тој е уапсен утринава околу 8 часот, кога излегол од населбата Тврѓан кон Лепосавиќ, во близина на местото викано Бункер.
Жителите на Лепосавиќ се собираат во близина на општинската зграда и се видно вознемирени од веста.
„Телеком Србија“ соопшти дека нивниот вработен Урош Вукашиновиќ (28) утрово бил киднапиран во Лепосавиќ.
Како што се посочува, тој е вработен во фирмата-ќерка на Телеком Србија на Косово и Метохија, а бил киднапиран утрово околу 7.30 часот, кај Лепосавиќ, додека патувал до работа.
Според досегашните информации, тој како и секој работен ден, тргнал на работа од својата куќа кај Лепосавиќ, но не дошол на работа, бидејќи бил пресретнат и киднапиран од бел автомобил „фолксваген“ без видливи регистарски ознаки, велат од „Телеком“.
– Засега не се знае каде е однесен Урош Вукашиновиќ и кој го киднапирал, но изразуваме страв дека ова е уште еден напад врз Србите на Косово и Метохија од страна на косовската полиција. Телеком Србија ќе ги преземе сите законски активности за заштита на својот вработен – се наведува во соопштението на компанијата.
Во петокот на административниот премин Јариње беше уапсен здравствениот работник Далибор Спасиќ, а ден пред тоа во Лепосавиќ беше уапсен Србин кој е обвинет за наводен напад врз новинари.