Турција во интензивна потрага по нови ресурси од областа на енергетиката
Турскиот сондажен брод „Абдулхамид Хан“ отплови за Црно Море заради сондажни активности. Станува збор за четвртиот брод за длабоководни сондажи на Турција, кој веќе изврши три длабоководни сондажи во Средоземно Море. Министерот за енергетика и природни ресурси Алпарслан Бајрактар појасни дека испраќањето на бродот во Црно Море не значи дека Турција ја изгубила надежта за наоѓање природен гас во Средоземно Море, каде што, вели, има локации што се сметаат за ветувачки.
Дневното производство во Сакарија моментално е 5,5 милиони кубни метри и се очекува да се зголеми до 10 милиони кубни метри до првото тримесечје на идната година, според Бајрактар. Гасното наоѓалиште Сакарија откриено во 2020 година е најголемото во турски води и земјата треба брзо да го зголеми производството, според министерот.
Тој најави и дека бродот за складирање и истовар (ФПСО) што отплови од Сингапур во јули ќе пристигне во Турција по два месеца и ќе започне со работа во 2026 година. Бајрактар претходно објави и дека друг брод, „Оруч Реис“, ќе биде испратен во Сомалија за сеизмички истражувања. Р.С.