Претстојните избори веројатно ќе бидат во октомври, кога граѓаните на Бугарија повторно треба да излезат на гласање и да ги изберат пратениците во 51-то Народно собрание

Политичката криза во Бугарија се продлабочува

Бугарија ќе оди на нови избори, седми по ред во изминатите три години. Со тоа се продлабочува политичката криза во државата. Имено, политичката партија Има таков народ (ИТН) го врати неисполнетиот, трет мандат. Разговорот меѓу бугарскиот претседател Румен Радев и ИТН бил невообичаено краток.
За издвојување е и дека претседателот на Националното собрание, Раја Назарјан, го одбил шефот на државата за тој да биде следниот вршител на должноста премиер.
Претстојните избори веројатно ќе бидат во октомври, кога Бугарите повторно треба да излезат на гласање и да ги изберат пратениците во 51-то Народно собрание.

Изборот на премиер станува сѐ посложен

Бугарскиот претседател Радев по вторпат треба да помине низ процедура, според новите уставни правила, по направените измени (кои не ги укина Уставниот суд). Тоа значи дека шефот на државата има листа од неколку опции од кои може да избере в.д. премиер.
Процесот на избор на премиер станува сѐ покомплициран, бидејќи во времето на консултациите ќе биде одреден и датумот на претстојните избори. Списокот на можни кандидати е сѐ пократок, бидејќи многумина веќе одбија да ја преземат функцијата.
Низата на предвремени парламентарни избори почна во пролетта 2021 година, по третата влада на Бојко Борисов. Истата година е рекордна со одржани три предвремени парламентарни избори.
Бугарите на 2 април 2023 година го избираа составот на 49. Народно собрание, кое со вториот мандат ја донесе првата ротирачка влада Денков-Габриел, го смени Уставот и, според него, продолжи да постои, иако ротацијата не се одржа. Тој парламент работеше 433 дена или до инаугурацијата на 50-от. Тој ќе работи и додека не се избере новото 51. Народно собрание, како што предвидува новиот правилник.

Радев: Дали парламентарната држава кај нас функционира правилно?!

Бугарскиот претседател треба да избере нов привремен премиер што ќе предложи состав на влада што ќе го подготви и спроведе новото гласање.

– Одењето на нови избори фрла сомнеж дали парламентарната држава кај нас функционира правилно. Решението на оваа и онака предолга политичка криза е во рацете на партиите. И затоа апелирам за значајна политичка дебата и фер игра во наредните недели – истакна Радев и ги повика партиите брзо да ја научат лекцијата од неуспехот на 50-то собрание.
Од листата на можни кандидати за премиер, засега само Димитар Главчев потврди дека може да продолжи да раководи со преодна влада. Според Уставот, претседателот на Бугарија мора со указ да именува кабинет и да одреди датум за предвремени избори.
На Бугарија ѝ треба стабилна и функционална влада за да може го забрза финансирањето од Европската Унија, да ја внесе земјата во еврозоната и целосно да се приклучи во шенген-зоната. Р.С.