Студенти во блокадата oд 14 факултети и високи школи од Нови Сад синоќа ги објавија критериумите за формирање експертска влада, како и какви ќе бидат нејзините ограничувања. Тие објавија шест критериуми, од кои првиот, како што велат, е од „клучно значење“ – неповрзаност со извршната и законодавната власт, јави дописникот на МИА од Белград.
– Министрите мора да бидат лица кои не биле на функции во извршната или законодавната власт, односно оние кои не биле на ниту една политичка функција. Тој критериум е од клучно значење, за да се обезбеди политички неутрален пристап во одлучувањето, без влијание на партиски интереси и политички притисоци – велат студентите.
Вториот критериум е неповрзаноста со политички партии и движења, а овој критериум има за цел да обезбеди новите министри да се водат исклучиво од интересите на граѓаните и професијата, а не „од интересите на политичките организации или одредени групи“.
Третиот критериум би бил тие да се докажани и признати експерти во соодветните области, а нивното знаење и компетенции мора да се потврдат преку релевантни академски, професионални и истражувачки активности.
Четвртиот критериум е познавање на државната администрација и менаџерски вештини.
Петтиот критериум е моралниот и етичкиот интегритет на членовите на владата.
Шестиот критериум е поддршката на студентите и јавноста бидејќи, како што е наведено, поддршката од широк општествен круг, вклучувајќи ги и студентите, може да обезбеди новата влада да биде прифатена од сите слоеви на општеството и дека нејзините постапки се во интерес на општото добро.
Студентите во блокадата посочуваат дека таквата влада мора да има неколку ограничувања, од кои првата е мандат од осум до 12 месеци.
Едно од ограничувањата е писмена гаранција од членовите дека нема да се занимаваат со политички живот во наредните осум години.