Студениот бран во Хрватска продолжува да создава сериозни ризици за сообраќајот и здравјето на граѓаните, јави Хрватската радио-телевизија (ХРТ).
Државниот хидрометеоролошки завод (ДХМЗ) издаде црвен метеоаларм за појава на голомразица за подрачјето на Осиек и портокалов аларм за голомразица за подрачјето на Загреб.
Најниските утрински температури денеска беа измерени во западна Хрватска и во Славонија – во Штригово речиси минус 10 степени Целзиусови, а во Осиек, Вараждин и Бјеловар околу минус девет степени. Се очекува значителен дел од врнежите во северозападниот и источниот дел на земјата да бидат во форма на леден дожд, што дополнително ја зголемува опасноста од сообраќајни незгоди и оштетувања на инфраструктурата.
Екстремниот студ и нискиот водостој го отежнуваат пловењето по реката Драва, информира ХРТ. Нивото на водата е само осум сантиметри над историски најниското, а ресорното Министерство спроведува редовни патроли и ја следи безбедноста околу водните површини. Според прогнозите, во наредните денови можно е формирање површински мраз и на реката Дунав.
Лекарите предупредуваат на сериозен ризик по здравјето, особено кај хронично болните лица со кардиоваскуларни и респираторни заболувања. Се препорачува избегнување излегување на студ, освен ако тоа не е неопходно.
Славонија утрово се разбуди покриена со мраз, а снежни врнежи се регистрирани на поединечни локации во Лика и Далмација. ДХМЗ апелира граѓаните редовно да ги следат прогнозите и предупредувањата и да го ограничат престојот на отворено, особено во раните утрински и доцните вечерни часови.
Хрватскиот авто-мото клуб предупредува на мокри и лизгави коловози низ целата земја. Забрането е движење на камиони со приколки и на возила без зимска опрема на делници во Лика, Далмација, Горски Котар, делови од Славонија и на северното приморје. На одделни патишта сообраќајот е забавен поради чистење снег и посипување со сол и песок, а дел од фериботските и катамаранските линии се привремено прекинати.


































