Србија
Американскиот помошник-државен секретар за енергетски ресурси Џефри Пајат со својата изјава во јавноста подотвори нова страница за стратегиска поддршка за економски развој на Србија.
Имено, осврнувајќи се на новопронајдениот ресурс, литиумот, како суровина во Србија, американскиот помошник-државен секретар за енергетски ресурси Џефри Пајат изјави дека „литиумот претставува генерациска можност за Србија“ додавајќи дека „српскиот претседател Александар Вучиќ сака да ја развие Србија како центар за ископување на стратегискиот метал“.
Како што изјави Пајат од Стејт департментот, САД сакаат Србија да напредува економски, а проектот „Јадар“ е приоритет на Европската Унија и во тој поглед претставува можност за Србија.
Суверена е одлуката на Владата на Србија за литиумот
Американскиот помошник-државен секретар за енергетски ресурси Џефри Пајат нагласи дека „суверена одлука за прашањето за литиумот ќе донесе – Владата на Србија“!
Пајат рече дека прашањето за литиумот го гледаат во контекст на американската поддршка за Србија, која, како што наведе, е економски просперитетна, напредува, дел е од Европа и ги користи можностите за градење на иднината.
– Многу е јасно, во однос на прашањата за кои сум одговорен на глобално ниво, околу критичните синџири за снабдување со минерали, за кои ќе ни треба масовно зголемување на обемот на кобалт, литиум, никел, цинк, за да ја исполниме нашата енергетска транзиција, дека ова претставува генерациска можност за Србија, која нејзините граѓани, разбирливо, сакаат да ја видат развиена на начин што поддржува ист вид високи еколошки, општествени и управувачки стандарди што ни се потребни за рударството тука во САД – истакна Пајат.
Пајат: За предизвикот за ископ на литиум би ѝ го кажал на Србија истото што би им го кажал и на граѓаните на САД
Американскиот помошник-државен секретар за енергетски ресурси Џефри Пајат посочува дека на граѓаните на Србија, во однос на прашањето за ископ на литиум, би им го кажал истото што и на граѓаните во САД.
– Она што знам дека претседателот Вучиќ сака да го направи е да ја развие Србија како центар, не само за екстракција на литиум туку и за преработка за производство на батериски ќелии за производство на електрични возила. Значи, ова е можност за Србија, но одлуката за тоа дали да се продолжи или не со проектот ќе биде суверена одлука на Владата на Србија, со интензивен дијалог со компанијата „Рио Тинто“, но и со Европската Унија, бидејќи ЕУ го направи овој проект приоритет – рече Пајат.
Тој истакна дека граѓанското општество и политичарите имаат голема улога во објаснувањето каква шанса претставува литиумот.
– Но дозволете ми да нагласам, кога ќе ги погледнеме нашите односи со Србија, она што сакаме да го видиме е Србија како суверена земја што оди напред со енергетска безбедност и можности, што во иднина не зависи од никаква надворешна сила и затоа гледаме дека со овој проект, целосно во согласност со таа визија, Србија напредува во односите со ЕУ – заклучи Пајат. Р.С.