Министерството за трговија, туризам и телекомуникации на Владата на Република Србија соопшти дека на денешната седница на Владата биле усвоени Уредбата за ограничување на цената на основните прехранбени производи и Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за ограничување на цената на нафтените деривати – кој се продолжува до 31 јули.
Донесена е и Одлуката за привремено намалување на акцизите на нафтените деривати – оловен бензин, безоловен бензин и гасни масла за 20 отсто, а воведена е и привремена забрана за извоз на еуро дизел EN 590, јави дописникот на МИА од Белград.
Владата на Република Србија соопшти дека на денешната седница ја усвоила Уредбата за ограничување на цените на основните прехранбени производи, со цел да се заштити пазарот и да се спречат деформации во формирањето на цените на стоките, кои се од исклучително значење за снабдување на потрошувачите, особено на сиромашните социјални категории.
Оваа регулатива ги ограничува цените, како производствени така и во трговијата на големо и мало, за брашно од типот Т-400 мазно, во пакувања до пет килограми, вклучително и пет килограми, брашно од типот Т-500 во пакувања до пет килограми, вклучително и пет килограми, сончогледово масло за јадење во пакување од еден литар и свинско месо – бедро, со цел да не го надминат ценовното ниво од 15.11.2021 година.
Исто така, пропишана е максималната малопродажна цена на UHT млекото со 2,8 отсто млечна маст во пакување од еден литар, максималната маржа што трговците можат да ја наплатат, како и максималните малопродажни и производствени цени на бел кристален шеќер по килограм.
Уредбата е донесена со оглед дека цените на суровините и инпутите на производителите се се уште на високо ниво, а состојбата на берзите во Србија и регионот се уште е недоволно предвидлива. Затоа, неопходно е да се продолжи со примена на мерката за ограничување на цените на овие производи, соопштија од Владата.
На денешната седница беше донесена Одлуката за времено ограничување на извозот на основните земјоделско-прехранбени производи значајни за населението со која се утврдува количината на масло од сончоглед во малопродажни пакувања за кои е дозволен извоз на месечно ниво.
Одлуката е донесена имајќи предвид дека е неопходно да се овозможи реализација на склучените договори, со цел да се зачува традиционалниот пазар, а притоа се водело сметка за снабденоста на домашниот пазар.
На седницата е усвоена и Уредбата за привремена мерка за ограничување на цената на гасот и за надоместување на разликите во цената на природниот гас набавен од увоз или произведен во Србија во случај на нарушувања на пазарот на природен гас.
Владата донесе и изменета Уредба за ограничување на цената на нафтените деривати, со која ограничувањето се продолжува до 31 јули годинава.
Со оглед на глобалното нарушување на пазарот на нафтени деривати и енергетската криза во светот, Владата донесе Одлука за привремена забрана за извоз на еуродизел EN 590 со цел да се спречи недостиг и да се обезбеди сигурно снабдување на пазарот со овој дериват.
Поради порастот на продажните цени на нафтените деривати во претходниот период, а со цел зачувување на макроекономската стабилност и стандардите на граѓаните и непреченото снабдување на пазарот со нафтени деривати, донесена е одлука за привремено намалување на акцизите на нафтените деривати – оловен бензин, безоловен бензин и гасни масла за 20 отсто.
Оваа одлука ќе се применува од 1 јули 2022 година и завршува на 31 јули 2022 година.